Македонија
Без вода делови на Кисела Вода

Од ЈП „Водовод и канализација“ известуваат дека утрово, поради поврзување од стара на нова водоводна мрежа од ф 100/80 мм на улицата Иван Хаџиниколов бб (пред мостот „Mаларада“), прекинато водоснабдување ќе имаат дел од корисниците од улицата Сердарот, улицата Иван Хаџи Николов и дел од улицата Речиште од 9 часот до завршување на работите (општина Кисела Вода).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Неточни се наводите за работата на Министерството за животна средина: Владата ги отфрла шпекулациите

Владата ги провери и затоа ги отфрла шпекулациите и неточните наводи изнесени од СДСМ и ДУИ во врска со работата на Министерството за животна средина и просторно планирање, се вели во владиното соопштение откако претходно денеска СДСМ им достави документи на премиерот Христијан Мицкоски и на Владата за скандалот со Меџити.
„Инспекцискиот надзор спроведен од Управниот инспекторат се однесува на аспекти на архивското работење и не утврдил незаконско постапување.
Оваа административна пракса на работа е воспоставена уште во 2017 година и континуирано се применувала под раководство на министри од СДСМ и ДУИ во претходните влади.
Ако по логиката на Кузевска тоа е прекшување на законите, тогаш значи дека законот бил прекршен од Владата на СДСМ и ДУИ“, прецизира Владата во соопштението.
Додаваат дека остануваат посветени на транспарентноста и ги повикуваат сите заинтересирани страни на увид во документацијата за целосно и точно информирање на јавноста како што повика и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Македонија
Maкедонската Влада во ОН беше усогласена со САД, Мицкоски ја унапреди соработката, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот Христијан Мицкоски ја унапреди соработката на Македонија со САД, а СДСМ во очај и љубоморат на сопствената држава, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„Владата гласаше целосно усогласено со САД. Жално е да се каже, но соопштението на СДС за надворешната политика на владата не е ништо друго, освен изворна љубомора и очај за сопствениот политички рејтинг. СДС лажно се претставуваше прозападна партија, а всушност е партија на комунисти. СДС лажно се претставуваше за пријател на САД, и го користеше прозападниот сентимент на народот, тоа сега го гледаат и граѓаните и нашите стратешки партнери. Владата на ВМРО-ДПМНЕ е посветена силно на зајакнување на трансатлантското партнерство му се допаѓа тоа на СДС или не, тоа ќе продолжи“, се вели во реакцијата.
Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто прес-конференцијата на Венко Филипче се најавува за утре, а не денес?
„Да не случајно е зафатен во Дубаи снимајќи го Заев како пее со Харис Џиновиќ?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ претходно оцени дека вчерашното позиционирање на делегацијата на Северна Македонија во ОН во однос на гласањето по резолуциите на САД и ЕУ е скандалозно. Северна Македонија гласаше „воздражно“ за резолуцијата на ЕУ и беше единствена држава од Европа покрај Унгарија која не ја поддржа оваа резолуција. Дополнително, за декларацијата на САД, на која што нашата Влада и Мицкоски одлучија да бидат коспонзор, повторно Северна Македонија гласаше „воздражно“, велат од СДСМ.
Македонија
Потпишан протокол за побратимените градови помеѓу Битола и Бејликдузу

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заменик-градоначалникот Бојан Бојкоски и претставници од општинската администрација деновиве присуствуваат на протоколарна средба во турскиот град Бејликдузу во рамките на која беше потпишан протокол за побратимени градови помеѓу Битола и Бејликдузу.
Протоколот за збратимување го потпишаа градоначалниците на Битола и на Бејликдузу и Мехмет Мурат Чалик, а тој вклучува развивање соработка во социјалните, економските и во културните области.
Во своето обраќање градоначалникот Коњановски потсети на историската поврзаност помеѓу двете земји, како и големата соработка што континуирано се негува.
„Општина Битола веќе има воспоставено соработка со Бурса од Турција, стопанските комори од двете земји развиваат добри односи, а минатата година потпишавме и протокол за соработка помеѓу зоните Жабени и Тире, што значи зајакнување на деловните односи помеѓу зоните, како и промовирање, проширување и подобрување на економската соработка преку трговија и инвестиции меѓу соодветните деловни заедници.
Од неодамна ја имаме и првата инвестиција од Измир, односно турската компанија за производство на лифтови ARLIFT, која заедно со бизнис-партнери од Битола одлучи да инвестира во индустриската зона Жабени во Битола.
Денес, почнуваме уште едно ново и важно поглавје како за соработката помеѓу двете земји така и за идните планови за двата града – Битола и Бејликдузу. Верувам дека, како што стои и во самиот протокол за побратимените градови, нашето збратимување ќе резултира со развивање на соработката во социјалните, економските и во културните области“, рече во своето обраќање градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Двете страни се согласија да развијат соработка: помеѓу административните институции, во областа на лесната индустрија, инфраструктурата и земјоделството, културата, образованието, здравството и други социјални проекти, во туристичките активности, обновливите извори на енергија и стратегиите за намалување на јаглеродот, циркуларната економија, одржливата технолошка трансформација и развојот на урбаните економии.
Соработката меѓу двете општини ќе ги вклучува следните активности: споделување искуства и обезбедување обуки и можности за пракса на вработените и доколку е потребно, подготовка и имплементација на заеднички план за соработка, поттикнување на учеството на локалните компании, институции и невладини организации во процесите на соработка.