Македонија
Бектеши во посета на автокампот „Ливадишта“: Очекуваме раст на бројот на домашни и странски туристи
Mинистерот за економија Крешник Бектеши заедно со министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, со директорот на Агенцијата за туризам Љупчо Јаневски, со директорoт на ЕЛЕМ Турс, Адем Авзиу денеска беше на посета во автокампот „Ливадишта“ во Радожда – Струга. Како што наведуваат, во изминатиот период направени се инвестиции во подобрување на условите и услугата за туристи во овој автокамп.
„ За Владата, за Министерството за економија која е надлежна за областа на туризмот, вакви локаци се многу важни да бидат развиени се со цел да можеме да привлекуваме повеќе туристи, не само домашни но истовремено и странски туристи. Затоа, веќе креираме и дизајнираме одредени мерки, усвојуваме одредени програми, но секако дека подготвуваме и студии се со цел на одржлив начин да се развиват вакви многу важни туристички места“, кажа министерот Бектеши.
ЕЛЕМ ТУРС како што кажа Бектеши веќе инвестира во подбрување на условите и услугата во автокампот „Ливадишта“, што ќе значи поголем број на туристи и ќе влијае врз локалниот економски развој на општина Струга и регионот.
„ Многу е добро да се наведе фактот дека чартер летовите од страна на тур операторите се веќе резервирани, очекуваме во текот на летото да имаме туристи кои секако дека ќе го надминат бројот од предходната година, но зошто да не се вратиме на бројките кој ги имавме пред времето на пандемијата. Значи Владата, Министерството за економија, Агенцијата и сите други институции се повеќе од посветени во подобрување на условите како за домашните, така и за странските туристи“ додаде Бектеши.
Директорот на „ЕЛЕМ ТУРС, Адем Авзиу кажа дека со подршката на државата и надлежните институции се направени сите потребни активности во автокампот „Ливадишта“ за почеток на летната сезона за пречек на туристи од државата и регионот.
„ Ние преземавме значителни чекори за подобрувањето на условите на овој автокамп во делот на реновирање на јавните тоалети, во делот на одржување на зеленилото во овој авто камп, создаваме нови услови за турситите кои што ќе ги користат овие капацитети во нашите плажата на авто кампот, на една на најубавите плажи во Струга. Ние нема да застанеме тука со нашите капацитети. Со подршката на Министерството за економија која што ја имаме цело време ние ќе се обидуваме да привлечеме што е можно повеќе туристи во капацитетите со кои раасполагаме како ЕЛЕМ ТУРС. Од денеска сите туристи можат да ги користат нашите капацитети и да бидат присутни тука” кажа Авзиу.
Обиколката на Авто кампот е во знак на официјален почеток на сезоната, која заради пандемијата оваа година започнува подоцна од вообичаено, претставување на обновените содржини во Кампот и обидите за враќање на сјајот на автокампот „Ливадишта“, како и зголемување на интересот за овој вид туризам во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)
Македонија
Стојаноска: Парите за минималецот може веднаш да се најдат, дел на Водно кај хациендите на Филипче, дел во Дубаи и дел во Струмица по масите на хотел Парк
Како СДСМ може да обезбедат пари за минимална плата? Да го вратат она што го испокрадоа во време на нивното 7 годишно владеење, напиша во објава на социјалните мрежи Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако ова не го сторат самите, тогаш многу скоро низ судски процеси ќе враќаат сѐ што испокрадоа, заедно со казни затвор за истото.
А, ако случајно во Буџетот ги најдат парите за кои зборуваат, тогаш веднаш ќе ги пренамениме за хуманитарни цели.
Инаку, парите за минималецот може веднаш да се најдат – дел на Водно (кај хациендите на Филипче), дел во Дубаи и дел во Струмица (по масите на хотел “Парк”)“, додава Стојаноска.
Македонија
Муцунски на состанок за Коридор 8, во Тирана: Државата, како централна точка, останува целосно посветена на неговата реализација
Денеска, во Тирана, на покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со колегите од Италија, Бугарија и Романија, учествуваше на Министерскиот состанок „Коридор VIII во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“.
Состанокот се реализираше како продолжение на инаугуративната сесија одржана во Бриндизи, Италија, на 27 јули 2023 година. Во фокусот на разговорите беа актуелните инфраструктурни проекти што се операционализираат долж Коридор VIII, предизвиците во нивната реализација, како и потребата од засилено политичко внимание и координација.
Министрите констатираа дека постои заедничко разбирање оти Коридор VIII треба да функционира како еден прекуграничен систем, а не како серија одвоени национални проекти што запираат на следната државна граница. Беше нагласено дека коридорот претставува стратешка врска меѓу Јадранското и Црното Море и дека во актуелниот геополитички контекст поврзаноста претставува елемент на отпорност и сила.
Во своето обраќање, Муцунски ја истакна важноста од целосно вклучување на сите клучни актери, нагласувајќи дека улогата на Италија како значаен фактор на Јадранот и на Романија како клучна држава на Црното Море и во регионалната економија е суштинска за Коридор VIII да стане вистинска европска врска од почеток до крај.
Осврнувајќи се на националните обврски, Муцунски потенцираше дека државата, како централна точка на коридорот, останува целосно посветена на неговата реализација. Како значаен исчекор беше посочено потпишувањето на договорот со Бугарија за прекуграничниот железнички тунел во ноември 2025 година. Првата железничка делница на источниот дел е завршена, втората е во изградба, а работите напредуваат и на третата. Во патниот сегмент, целта е целосна автопатска и експресна поврзаност од Ќафасан до Деве Баир до 2029 година.
Дополнително, беше истакната и енергетската димензија на коридорот, како и потребата од усогласување на процедурите, граничното управување и олеснувањето на трговијата, со цел новата инфраструктура да биде придружена со модерни и ефикасни стандарди. Посебен акцент беше ставен на искористување на европските финансиски инструменти, вклучително и следната програма „Connecting Europe Facility“, за забрзување на имплементацијата и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите.
Соговорниците се согласија дека фокусот во наредниот период треба да биде на реализација на финансиски одржливи проекти, координирана прекугранична имплементација и одржување на еднаков интензитет на реализација долж целата траса на Коридор VIII.

