Македонија
„Беса“ повторно ќе пречекува иселеници кај платежната рампа Петровец
Младинскиот форум на Движењето Бeса ја продолжува акцијата за да им посакува добредојде на иселениците, но овој пат кај платежната рампа Петровец, бидејќи, како што велат, МВР по вторпат го игнорира нивното барање за активност во граничен премин, иако, според нив, оваа активност треба да се организира од самата Влада, но тие не само што не организираат туку и се пречка кога тие се обидуваат да направат симболична акција.
„Затоа ние сме принудени на овој начин да ги пречекуваме нашите браќа и сестри и да им посакаме добредојде, бидејќи токму тие се промотори на економијата на земјата, кои придонесуваат во државниот буџет, и покрај фактот што оваа држава се грижи малку за нив.
Ние како Младински форум на Беса симболично им нудиме по една вода и им посакуваме да поминат убави моменти во родното место, со надеж дека нашиот придонес со ова акција ќе биде за во иднина самата држава да се свести и да ги пречекува достоинствено“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски на фејсбук објави дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави видео од активностите што се преземаат за чистење на главниот град, согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот.
-Скопје го правиме заедно, ви го дадов мојот збор! Се чисти кејот на реката Вардар. Се поставуваат украсни канделабри на плоштадот „Македонија“. Најдоброто, доаѓа!, објави Ѓорѓиевски попладнево на неговиот фејсбук-профил.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна завчеравечер по примеопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши утревечер.
Деновиве со механизација и рачно се чисти коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Во акцијата се вклучени луѓе и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта”- Скопје.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Македонија
Продолжува генералката во Скопје, денес на ред е реката Вардар
Од ЈП „Улици и патишта”- Скопје информираат дека продолжуваат активностите со машинско и рачно чистење на коритото и косините на река Вардар.
-Екипи на ЈП „Улици и патишта”- Скопје и денес се активни со машинско чистење на коритото и рачното чистење на косините на река Вардар. Рачно се отстранува насобраната пластична амбалажа и смет од косините на реката, а со багери и останата механизација машински се чисти кабаст и земјан материјал кој е насобран во централниот дел на кејот, информираат од ЈП „Улици и патишта”- Скопје во објава на Фејсбук.
Посочуваат дека во акцијата за чистење од Град Скопје се вклучени сите екипи на ЈП „Улици и патишта”-Скопје со целата расположлива механизација и работен капацитет. Потенцираат дека тие деновиве ќе работат до целосно расчистување на кејот на реката Вардар.

