Македонија
(Видео) Беџети: Нема да ги легализираме платформите на Матка ама нема ни да ги уриваме
Општина Сарај ќе ги одбие барањата за легализација на трите платформи на Матка, но сега нема да ги урива. Градоначалникот Блерим Беџети, вели дека ќе чека решенијата да станат правосилни, па дури тогаш ќе размислува за уривање.
„Барањето за легализација на едната платформа, онаа на која функционира ресторан, е веќе одбиено, но барателите поднесоа жалба. За другите две платформи барањата се уште не се одбиени, но нема да ги одобриме. Сите имаат право на жалба до второстепената комисија и за уривање мора да чекаме да заврши целосната правна процедура. Нашата идеја беше ако има простор правно да се најде целисходно решение за Матка, во кое и платформите би функционирале како урбана опрема“ рече градоначалникот Блерим Беџети.
Легализација на новата платформа побарал Исмаил Саиди, а барање за легализација на платформата на која веќе се изнајмуваат чамци, поднел Амет Саиди. Одбиеното барање е од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија. За да ги испочитува сите процедури пред да се одлучи на уривање, Беџети рече дека може да поминат и месеци.
Според Беџети многу е побитен концептот за Матка, отколку да се носат избрзани одлуки без да се почитуваат процедурите. Тој тврди дека во Матка се вплеткани различни интереси, но не сакаше да каже чии. Нагласи дека имал интензивни состаноци со Град Скопје, со Инспекцискиот совет и со Државниот градежен инспекторат.
„Јас прв им укажав на институциите дека на Матка има не една туку три платформи, од кои дел се од поодамна и ги имаме како наследена состојба“ рече Беџети.
Според него, проблемот со Матка го актуелизирале инспектори од Град Скопје, кои без да ја известат општина Сарај, направиле увид на Матка и констатирале дека платформите се бесправни.
Истовремено со увидот, неофицијално Беџети вели дека имал разговори со градоначалникот на Скопје за формирање јавно претпријатие, кое што ќе се грижи за Матка, а градоначалникот Шилегов му соопштил дека и без согласност од Општината, град Скопје сепак ќе го формира претпријатието.
На разговорите Беџети пред сите надлежни институции нагласил дека треба да се води сметка за развојот на Матка, каде што доаѓаат многу странски туристи. Укажал дека барал да им се даде касарната од СФРЈ и да се уреди паркинг оти без паркинг не може да се уредува Матка. Сепак, како што рече, сите преговори биле неофицијални и останале без решение.
Беџети вели дека за Матка се воделе разговори и со претходната власт. Проблемот со Матка бил и на владина седница уште во времето на Никола Груевски. И тогаш се разговарало за донесување закон за Матка со кој ќе се стави ред во градењето во кањонот.
Министерството за житвотна средина минатата недела информираше дека законот за Матка е веќе изготвен, дека завршено е и зонирањето, кое треба да покаже во кој дел ќе може да се гради и што да се гради, како и дека законот е пред усвојување. Од Министерството не одговорија на прашањето од „Макфакс“, во кои ќе биде дозволено да се гради на Матка и што ќе може да се гради во заштитеното подрачје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Битола објави повик за доделување финансиски средства на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти
Општина Битола го објави јавниот повик за доделување на финансиски средства од буџетот на општина Битола на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти за 2026 година.
Право на учество на јавниот повик ќе имаат спортски клубови, спортски здруженија, спортисти во сениорски и младински категории, како и другите физички и правни лица од областа на спортот чиешто регистрирано седиште, односно живеалиште се наоѓа на подрачјето на Општина Битола.
Пријавите треба да се достават до Општина Битола преку пошта на адреса; Општина Битола, Булевар 1 –ви Мај број 61, 7000 Битола или да се достават во архивата на Општина Битола од 07:30 часот заклучно со 15:30 часот до последниот ден од Јавниот оглас.
Рокот за поднесување на пријавите започнува од 25.02.2026 година и трае заклучно со 11.03.2026 година.
Пријавите од јавниот повик ги разгледува Комисијата за млади и спорт од Советот на Општина Битола и согласно критериумите ја одбрува висината на финансиската поддршка. Финансиската поддршка согласно програмата за активностите во областа на спортот и младите во Општината Битола за 2026 изнесува 2.000.000,00 денари за спортски клубови/спортски здруженија и 1.000.000,00 денари за индивидуални спортисти.
Повеќе за јавниот повик на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/sportski-klubovi-zdruzenija-i-sportisti/
фото/ Depositphotos
Македонија
Заев поднесе тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев
Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев поднел тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев за како што вели, клевета и нарушување на чест и углед.
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед.
Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата.
Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, објави Заев на социјалните мрежи.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.

