Македонија
Битиќи: Не може храната во Европа да поскапи 11, а кај нас 46 отсто, ќе се обидеме да докажеме дека има договарање цени
Во кризно време компаниите не треба да бидат причина за кризата да биде уште поголема, работат за профит, но треба да имаат етика и морал, рече денес вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Тој останува на ставот дека компаниите се тие што ги креваат цените.
„Отидов во Комисијата за заштита на конкурентност. Разговарав со нив за да поведат иницијативи во неколку сектори за да видат дали евентуално можеме да докажеме дека има договарање за она што се случува. Ќе ги видите набргу податоците што ќе ги изнесеме. Ако го видите зголемувањето на цените поради инфлацијата на светските берзи, тие се една четвртина помали отколку што се во Македонија. Нешто се случува. Не може нашата земја да е уникатна, изолиран остров, кога е составен дел од цела Европа. Ако храната е зголемена 11 % во Европската Унија во берзанските цени, овде е зголемена 46 %. Извинете, ама тоа не е етички“, рече вицепремиерот Битиќи по Регионалниот форум за социјално претприемаштво.
За неетичкото однесување на компаниите да не доведе до поголеми последици, Битиќи најави зајакнување на сите инспекциски служби со професионалци, кои постојано ќе бидат на терен и ќе го гледаат однесувањето на компаниите во сите сектори.
Една од причините за тоа што 52 % од младите бегаат од Западен Балкан, според Битиќи, се токму ваквите неетички појави.
„Борбата да ги задржиме младите не е борба само на еден поединец и на една Влада, туку е борба на сите фактори во општеството. Тоа мора да го разберат сите. Дали се стопанственици, дали се политичари, дали се академици, дали се обични граѓани, мораме да си ја сакаме оваа земја, но да си ја сакаме онака како што се сакаме себе си“, рече вицепремиерот Битиќи.
Од минатиот месец кога повторно почнаа да растат цените на храната, вицепремиерот Битиќи алармира дека не производителите, туку големите маркети во земјата неетички и неморално ги зголемуваат цените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Беким Сали на лидерски состанок во Давос
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе учествува на Лидерскиот состанок (Davos Leadership Gathering), кој ќе се одржи во Давос, во периодот од 19 до 22 јануари.
Лидерскиот состанок во Давос ќе собере светски лидери, економисти, банкари и експерти од различни области, со цел дискусија за глобалните предизвици и меѓународните економски развои.
Првиот заменик-претседател ќе се обрати на форумот во рамки на панел-дискусија, на која ќе се разговара за климатските промени, конфликтите и социјалната грижа.
Македонија
СДСМ: Десет години по заминувањето на Груевски, повторно сме во истата ситуација со ВМРО-ДПМНЕ
Овој јануари се навршуваат точно 10 години откако Никола Груевски ја напушти премиерската функција, но според СДСМ, државата повторно се соочува со истите проблеми под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
Во соопштението на партијата се наведува дека по заминувањето на Груевски започнал крајот на режимот што 11 години ја влечел Македонија назад, со масовен криминал, корупција, партизација, медиумски притисоци и изолација. Но, според СДСМ, денес, по две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, земјата повторно се наоѓа на исто место.
„Повторно сме на пат кон изолација, далеку од ЕУ и САД, граѓаните тешко живеат, стандардот опаѓа, институциите се под партиска контрола, а криминалот и корупцијата цветаат“, стои во соопштението.
Партијата нагласува дека пари нема за поголеми плати, но има за криминални тендери, а се повторуваат и притисоци врз медиуми, јавен линч и политички прогони, како и злоупотреба на полицијата за партиски цели.
„На исто сме со ВМРО, само што денес на местото на Груевски е Христијан Мицкоски“, се вели во соопштението на СДСМ, со повик дека е време власта повторно да се врати во рацете на народот.
Македонија
Втор смртен случај од грип: Почина 69-годишен пациент на Инфективна
Шеесет и деветгодишен пациент починал од компликации предизвикани од сезонски грип на Клиниката за инфективни болести во Скопје, соопшти директорот на Клиниката, Фадил Цана.
Пациентот бил донесен со развиена масивна пневмонија и акутен респираторен дистрес синдром.
Не бил вакциниран за сезонски грип, иако бил во групата на пациенти што требало да примат сезонска вакцина. Имал претходни белодробни заболувања.
Ова е втор смртен случај поврзан со грип оваа сезона, откако претходно почина 75-годишна жена.
Во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 30-ина лица со грип, од кои еден е во потешка состојба и е приклучен на механичка поддршка.

