Македонија
Битиќи: Поддршка од 1,35 милијарда евра и пристап до европските пазари за нашите земјоделци
„Имаме вредни земјоделци, трудољубиви фармери и европски можности. Наредните четири години нашето земјоделие ќе го развиеме за да може да обезбедува стабилно и сигурно снабдување со храна, a Македонија ќе биде извозник на храна. Ќе одвоиме финансиски средства за поддршка на малите и средните земјоделски стопанства, како што се субвенции за модерна опрема. A ќе обезбедиме и обука за одржливи технологии и финансиска помош за органско и традиционално производство на култури за секој земјоделец да има можност да ги освои регионалните и европските пазари.“ , изјави Фатмир Битиќи, коносител на листа на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина од Изборна единица 2, на денешната прес-конференција која се одржа во Бутел, Скопје.
Тој потенцираше дека во наредните четири години, во следниот мандат на Владата предводена од СДСМ, земјоделците ќе добијат поддршка од 1,35 милијарди евра! Од нив, 750 милиони евра ќе бидат директна финансиска поддршка за земјоделскиот сектор, а 600 милиони евра ќе се искористат за капитални инвестиции за проекти од руралниот развој.
„За тоа дека ова не се празни ветувања, зборува и тоа што го направивме, градевме и обезбедивме вода за земјоделците да произведуваат повеќе. СДСМ ја започна и ја заврши изградбата на браната Конско, капитален проект вреден 40 милиони евра, со кој на 4.000 хектари обработлива површина ќе се наводнува, и ќе се произведува повеќе храна. Завршени се и браната Славишко поле, Чаушица, Конопница и Пишица.“ – истакна Битиќи
Со фокус за развој на европско земјоделие, во наредните четири години Битиќи посочи дека ќе имаме рекордно производство на храна во износ од преку една и пол милијарда евра, а приходите од извозот на прехранбени производи ќе изнесуваат 1,25 милијарди евра.
„Ова не се само бројки, тоа е нов потенцијал за економски раст и развој, чии бенефиции ќе ги почувствуваат сите земјоделци. Ќе го зголемиме износот за грантовите од 10.000 на 15.000 евра – цели 50%, за поддршка на младите земјоделци кои сакаат да започнат со земјоделска дејност, а дополнително обезбедуваме и 40% авансна исплата на тие средства.“
Зборувајќи за предизборната „Програма за европска иднина“ на СДСМ, тој најави дека во наредните четири години тој најави дека ќе се зголеми поддршката на секој производител на вино од 10.000 на 15.000 евра, поттикнувајќи го претприемништвото и иновациите во нашата лозарска индустрија.
„Поддршката кон малите дестилерии почнувајќи од 2026 година ќе ја зголемиме, од 5.000 евра на 10.000 евра. Најавуваме нова мерка: почнувајќи од 2025 година, со 10.000 евра ќе ги поддржиме семејните домаќинства во рурални предели за да го развиваат туризмот и да создаваат можност за ноќевање и угостителски услуги.“ – истакна Битиќи.
Битиќи на крајот на изјавата кажа дека СДСМ има конкретни, издржливи и остварливи мерки за идниот развој на нашето земјоделие.
„Затоа, не се откажуваме од иднината на нашите земјоделци и ќе им овозможиме пристап до европските пазари.“ – рече тој.
За крај, тој кажа дека за само два дена ќе бидеме пред првиот избор за тоа каде сакаме да одиме, дали сакаме да се движиме кон Европа и создавање европски стандард дома. Затоа на 24ти треба да знаеме дека гласот за број 1, односно гласот за Стево Пендаровски е глас токму за тој пат. Пат кон просперитет, развој, европски пат и пат на обединување и стабилност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

