Македонија
Битиќи: СДСМ е партија која се води од социјална правда, еднаквост и солидарност
„Гласот за број еден, за СДСМ и Коалицијата за европска иднина, е глас за поголеми плати и унапредени работнички права. Седум години градиме економска атмосфера на постојан раст на платите, да не дозволиме ова да биде загрозено – работниците и работничките тоа не го заслужуваат“, им порача на сопартијците Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници во Изборна единица 2, на денешниот Првомајски пикник кој беше организиран од партијата во Градскиот парк во Скопје.
„Двојно ја зголемивме просечната плата од 2016 година, денес таа изнесува речиси 40.000 денари. Минималната плата не ја оставивме на егзистенцијалниот минимум, на кој ја затекнавме во 2016, кога изнесуваше 10.000 денари, сега таа изнесува 22.500 денари. Знаеме дека треба уште повеќе, затоа ветуваме просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра во наредните четири години. Ова е добриот глас кој треба да го ширите до секој човек, во секое село и град“, порача до членовите на СДСМ потпретседателот Битиќи.
Тој истакна дека СДСМ е силна партија и денешниот Ден на трудот треба да биде дополнителна мотивација за поголемо заедништво во пресрет на денот на изборите на 8 – мај и продолжување на битката за европска Македонија.
„Не смееме да се откажеме, социјалдемократијата не обврзува да водиме грижа за секое работно место, за достоинствена плата. Никој друг, само ние, социјалдемократите можеме тоа да го понудиме на граѓаните со програмата каде работникот е на прво место. Никој да не биде изоставен од економските успеси, што значи повисоки плати и пензии, поголема куповна моќ и подобар квалитет на животот. Ќе се погрижиме секое домаќинство да ужива во сигурна финансиска иднина, со поголем пристап до услуги и можности“, рече Битиќи.
Потпретседателот на партијата посочи дека СДСМ е партија која се води од социјална правда, еднаквост и солидарност и секогаш е на страната на работниците, го почитува и вреднува нивниот труд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Орце во ноќен увид на улиците кои се реконструираат низ Скопје, вели се работи и дење и ноќе
Во завршна фаза е изградбата на улицата „Фрањо Клуз“ во Аеродром која е една од најзначајните сообраќајници во овој дел од градот. Се работи со полна динамика, и дење и ноќе, затоа што скопјани заслужуваат модерен, функционален и безбеден град, објави вчера вечерта градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
-Делата говорат. Скопје не смее да чека. Скопје мора да се развива – посветено и со визија. Она што со години било запоставувано и туркано под тепих, денес се решава темелно и одговорно – објави на Фејсбук Ѓорѓиевски.

Реконструкцијата опфаќа нов тампон, двослоен асфалт, нови рабници, а во овој момент интензивно се асфалтираат тротоарите. Во должина од еден километар се изведуваат нови тротоари, се поставува современо улично осветлување и се гради нова атмосферска канализација.
– Од наредната недела, жителите на Аеродром ќе возат по нова, современа и безбедна улица. За само три месеци од преземањето на функцијата градоначалник на Скопје, покажавме дека кога се работи со срце, визија и чесна намера – резултатите се очигледни. Не ветивме чуда, туку работа. И работиме – објави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски, вели дека ова е само почеток и најавува дека следува најголемата инфраструктурна обнова досега.
– Ќе се работи рамномерно, во секој дел на Скопје. Затоа што секој заслужува исти услови, исти шанси и ист квалитет на живот.
Мојот народ го заслужува најдоброто – објави Ѓорѓиевски.
Македонија
Пролетен ден во зима, денес сонце и температури до 15 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени и по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.

