Македонија
Блинкен со поддршка за дијалогот помеѓу Македонија и Бугарија
Претседателот на Владата покрај учеството во активностите на официјалната програма на Минхенската безбедносна конференција, на маргините на настанот на кој учествуваат повеќе од 30 шефови на држави и влади, како и голем број министри и претставници на меѓународни организации и мултилатерални асоцијации, се сретна и размени мислења со повеќе високи претставници на земјите учеснички на конференцијата.
Премиерот Ковачевски, заедно со претседателот на Владата на Република Бугарија имаше средба со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен за време на обраќањето на Потпретседателката на САД, Камала Харис. Во разговорот, како што наведуваат од Владата, државниот секретар Блинкен ја изразил својата целосна поддршка за дијалогот и пријателството меѓу Македонија и Бугарија и ја сподели својата искрена желба да нѐ види заедно во ЕУ. Блинкен истакна дека САД останува наш посветен партнер во надминувањето на предизвиците.
На конференцијата во Минхен, премиерот Ковачевски се сретна и со премиерот на Обединетото Кралство, со кој заеднички оценија дека сојузништвото во НАТО е силен влог за безбедноста и стабилноста на Европа.

За време на средбата премиерот Џонсон рече дека како наш стратешки партнер во евроинтеграциските процеси, Обединетото Кралство ќе продолжи со силна меѓународна поддршка и му честиташе на премиерот Ковачевски за сите заложби на Владата на Северна Македонија за спроведување конструктивен дијалог со Софија кој ќе ни овозможи исполнување на нашите стратешки цели за интеграција во ЕУ.

Ковачевски на Минхенската безбедносна конференција се сретна со претставничката на Мичиген во конгресот на САД Елиса Слоткин. Како голем пријател на Северна Македонија, конгресменката Слоткин минатата година со задоволство прифати да се приклучи конгресната група за пријателство со Северна Македонија, кое дојде после нејзината исклучителна активност за членството на нашата земја во НАТО. На средбата со премиерот Ковачевски, Слоткин истакна дека останува силен глас во поддршката за нашата земја во заедничките мисии за мир и безбедност со САД како сојузници во НАТО.

За одличната соработка со Баварија која ја имаме преку заедничката, меѓувладина комисија, на конференцијата во Минхен, премиерот Ковачевски разговараше со државната министерка за европски прашања и меѓународни односи на Баварија, Мелани Хумл. Во фокусот на разговорот беше зајакнувањето на економската соработка со поврзување на стопанските комори и за соработка во други области, како и подготвеноста на Баварија да помогне во реформите на правосудството, борбата против корупцијата и во неопходната помош на нашиот пат кон ЕУ.
![]()
Премиерот Ковачевски во Минхен се сретна и со генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу.
Во разговорот со Брегу, Ковачевски нагласи дека Северна Македонија останува посветена на регионалната соработка и на реализација на сите иницијативи и процеси во рамките на Берлинскиот процес, и дека иницијативата „Отворен Балкан“, како нов импулс е комплементарна на овие процеси и дополнително ја мотивира регионалната соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Каде е др. Жан Митрев и зошто Обвинителството не реагира
СДСМ вели дека додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со лажна кампања и линч против претседателот на партијата, Венко Филипче, во јавноста го нема д-р Жан Митрев.
Во соопштението се наведува дека д-р Жан се појавил на телевизија Алфа, каде што, според СДСМ, изнел лаги за Филипче, по што, како што се посочува, исчезнал од јавноста.
„Прашањето е каде е др Жан? Дали Обвинителството го повика?“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека кампањата против Филипче трае со недели во медиуми кои ги нарекуваат контролирани од ВМРО/Орбан, без никаква реакција од Обвинителството.
Од партијата наведуваат дека со недели поставуваат прашања кога д-р Жан ќе даде изјава пред надлежните институции, но, како што посочуваат, не добиваат одговор.
Македонија
Лани подигнати 22.000 кубни метри отпад од диви депонии, Комунална апелира поскоро да стапи во сила Законот за формирање на комунална полиција
Во текот на 2025 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале вкупно 21995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во скопските општини Центар и Чаир.
„Екипите на Претпријатието речиси секојдневно интервенираа на неколку локации каде што се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини, најчесто на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), на аголот со улицата Максут Садик, веднаш крај детското игралиште, каде што континуирано се отстрануваа големи количества непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад“, велат од Комунална.
Воедно, во текот на минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје врачила 607 записници за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници – вкупно 227, се изготвени во скопската општина Чаир.
ЈП Комунална хигиена-Скопје објави дека нема ингеренции на терен да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота и од тие причини апелира што поскоро на сила да стапи Закон за формирање комунална полиција, како најефикасен начин да се превенира загадувањето на животната средина и да се заштити јавното здравје.
Македонија
УКИМ: 82 студенти ја завршија Програмата за изучување на холокаустот
На 26 јануари 2026 година во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) се одржа Комеморативниот настан „УКИМ се сеќава“ со кој се одбележа Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
На Комеморативниот настан се обратија амбасадорката на Израел, Вивиен Ајсен, пратеничката Рашела Мизрахи, директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикаријо и раководителот на Универзитетската програма за изучување на холокаустот, проф. д-р Мишо Докмановиќ. На настанот и зборуваше и Ефрат Барух Алтарац, снаа на последната преживеана Еврејка од Штип.
Во рамките на настанот беа доделени и сертификатите за завршените универзитетски курсеви за изучување на холокаустот на 82 студент на УКИМ, кои во изминатиот семестар ја следеа програмата организирана на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Со тоа бројот на студентите кои ја следеле оваа програма во изминатите три години се искачи на вкупно 375 студентите.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е еден од двата европски универзитети кои во 2023 година го добија престижниот грант на Конференцијата на еврејските материјални побарувања од Германија од Њујорк, што овозможува реализација на програмата на курсеви за изучување на холокаустот до 2027 година.

