Македонија
Богоев: Нов систем за видеонадзор на сите гранични премини
Новиот систем за видео надзор и препознавање на регистарски таблички е веќе воспоставен на граничните премини Дојран, Свети Наум, Табановце, железничка станица Гевгелија и аеродромот Охрид, а во следниот период ќе се воспостави и на останатите 14 гранични премини низ државата. Дежурниот царински центар на Царинската управа од денеска располага со сите податоци кои ги вчитуваат поставените „паметни камери“ на овие гранични премини. Информациите од системот ќе се складираат во податочен склад и истите ќе се користат за напредни анализи на податоци, за анализа на ризик, како и за истрагите што ги води Управата со цел сузбивање на криминалот и корупцијата.
Денеска, директорот на царинска управа Стефан Богоев и заменик директорот Муарем Асани заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и Татјана Марковска специјалист за приватен сектор при Канцеларијата на Светска банка, го посетија Дежурниот царински центар и граничниот премин Дојран со цел увид на реализацијата на проектот.

„Ветив нула толеранција за криминалот и корупцијата. Ова се овозможува само со конкретни проекти кои трајно ќе го искоренат криминалот. Системот за видео надзор и препознавање на регистарски таблички во секое време информира за фреквенцијата на граничните премини, кое возило со која регистарска табличка, боја и марка на возилото влегло во државата и како се движело низ граничните премини во одреден период, но исто така алармира доколку некое лице се движи во недозволени области околу премините. Сите информации се внесуваат во податочен склад при што доколку понатаму е потребно да се извади статистика за движењето на одредено возило за кое на пример има потерница, истите информации ни се достапни веднаш“, истакна Богоев.
Министерот за транспорт и врски вели дека системот целосно ќе се имплементира годинава и оти неговата ефикасност во насока на подобрување на работата на граничниот премин е веќе видлива преку имплементацијата на системот на граничниот премин Дојран.
„Водејќи се од потребата да го забрзаме и да го зголемиме протокот на сообраќај на граничните премини, Министерството за транспорт и врски го набави овој информатички систем како дел од Проектот за унапредување на трговијата и транспортот на Западен Балкан. Се работи за нов централизиран видео систем, кој се поставува на сите гранични премини во Република Северна Македонија. Опфаќа систем за видео надзор со 350 различни типови на дигитални камери со аналитички функции, систем за автоматско препознавање на регистарски таблици и централен систем за складирање на податоците“, потенцира Бочварски.
За реализација на системот се обезбедени средства во висина од околу еден милион евра преку Проектот на Светска банка за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан.

Директорот на Канцеларијата на Светска банка во нашата држава, Масимилијано Паолучи посочи дека трговијата и меѓународната интеграција се од суштинско значење за економскиот раст на земјите со мал домашен пазар како Северна Македонија.
„Како што сугерира една неодамнешна студија на Светска банка, подобрувањето на трговското олеснување и ефикасноста на границите може да го зголеми националниот доход до 3% низ Западен Балкан. Преку проект за регионална трговија и транспорт во вредност од 105 милиони долари, кој ги вклучува РС Македонија, Србија, Албанија и Црна Гора, целта ни е да ги поддржиме земјите-учеснички да ги намалат времето и трошоците потребно за спроведување на граничните формалности со цел подобрување на регионалната трговија. Преку проектот ќе се финансираат интервенции како на пример дигитална платформа за дозволи за извоз/увоз, надградба на граничната инфраструктура и Интелигентен транспортен систем на коридорот 10. Системот за видео надзор и препознавање на регистарски таблички што ќе се имплементира на сите гранични премини, почнувајќи со оној во Дојран предвидува забрзување на граничните премини за товарни возила, рационализација на трговијата за овластените економски оператори“, истакнува Паолучи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

