Македонија
(Видео) Богојески: „Македонски концепт“ е поинаква платформа, се надеваме дека граѓаните ќе ја прифатат
„Македонски концепт“ е нова политичка платформа, која на граѓаните ќе им понуди длабоки реформи во секој поглед на општеството, концепт за кој ќе се обединиме со заеднички идеи и принципи, рече Петар Богојески, кој ја промовира платформата.
Богојески кажа дека засега ова ќе биде граѓанска платформа, која веќе почнале да ја презентираат на терен меѓу граѓаните, при што не одговори дали идејата е оваа платформа да премине во политичка партија.

„’Македонски концепт’ засега е платформа, не е партија, и засега целта ни е да обединиме повеќе граѓани преку поинаква идеја, кои ќе понудат решенија и излез од состојбата во која се наоѓа државата. Јасно ни е дека на државата не ѝ е потребна онаа реставрација на минатото што ја нуди ‘Обнова за Македонија’ или она што веќе го имаме од програмата ‘Прав пат’ на СДСМ, сметаме дека ни е потребен нов пат, наш пат на вистински реформи. На Македонија ѝ се потребни длабоки суштински реформи, реставрација на системот, кој е во дисконтинуитет во последните 30 години. Отворени сме за соработка и ги повикуваме не само граѓаните туку и организациите и политичките партии да се обединиме заедно, не по хиерархија, туку по понуда на решенија за да изградиме подобра Македонија“, истакна Богојески на претставувањето на платформата.
Тој не одговори конкретно ниту како ќе се позиционираат на изборите, повтори дека тоа зависело како ќе бидат прифатени од граѓаните на терен.
„Тоа зависи од граѓаните. Зависи како идејата ќе помине на терен. Ако имаме добри шанси и прифатеност на терен, ќе видиме какви се шансите за друг облик на политичко дејствување. Но, за тоа дополнително ќе донесеме став“, додаде Богојески.
Во однос на финансирањето на „Македонски концепт“, рече дека платформата се финансирала од пријатели и спонзори, кои препознале успешна идеја за поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Милошоски најавува мигранти за пари ама со променет статус во „економски работници“
„Планот на ВМРО-ДПМНЕ за примање мигранти во Македонија е целосно разоткриен. И не се само пишувањата на британските и светските медиуми потврда за тоа. По моделот на Вучиќ со литиумот во Србија ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски со иста техника сакаат да го спроведат проектот мигранти за пари во Македонија“, велат од СДСМ.
„Пакетот содржи и договор за кредит. Во државата нема пари, нема за пензии, плати, социјална помош, породилно, нема за поврат на ДДВ…моментално дупката е 1 милијадра евра.
Мигранти за пари во Македонија ама во јуни, после избори, тоа е планот на ВМРО-ДПМНЕ. А што друго содржи тој план, најави Милошовски вчера во интревју на една наша национална Телевизија. Странските работници кои доаѓаат преку дозволи и агенции немаат никаква врска со азиланти и мигранти, вели Милошоски.
Значи ВМРО-ДПМНЕ статусот од мигранти ќе го преименуваат во „економски работници“. Очигледно затоа им ветуваат работа и сместување, односно постојан престој.
Исто така и Мицкоски пред некој ден рече „нелегални“ мигранти, па да, затоа што овие ќе бидат „легални“.
На овој начин ќе ги претстават мигрантите за кои веќе се договориле. ВМРО-ДПМНЕ веќе бара редефиниција за мигрантите, само да не се нарекуваат мигранти.
Затоа не ја потпишуваат Резолуцијата. Одбраната на Македонија започна! Нема да ви дозволиме! Борбата продолжува!“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 12:00 часот, корисниците на улиците: Урош Џудовоќ, Осло, Будимпештанска, Лубица Георгиева (Општина Карпош)
Македонија
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок продолжува периодот на претежно сончево и тивко време. Во ноќните и претпладневните часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност.

