Македонија
Боки-13 го испрашуваше Камчев пред судот
Бизнисменот Јордан Камчев пред Граѓанскиот суд одговараше на прашања од тужениот Бојан Јовановски-Боки 13. Камчев одговараше каде првпат го пријавил рекетот, односно барањето пари од Боки 13, со кои требало да се сопре обвинението за предметот „Империја“ против него.
Бојан Јовановски-Боки 13: „Кога е стапено во контакт со тогашниот директор на УБК, Горан Николовски-Џони?“
Камчев: „Додека бев во домашен притвор“
Бојан Јовановски-Боки 13: „Што му било кажано, какви насоки добил?“
Камчев: „Не ценам дека треба да одговорам. Пријавено е. И толку. Јас кажав дека адвокатот добил насоки, кои потоа ги спровел. Јас не примив насоки од директорот“.
Бојан Јовановски-Боки 13: „По усната пријава до директорот на УБК, додека издржувал притвор, што направил?“
Камчев: „Јас продолжив да контактирам со Бојан. Кога се создадоа услови, целиот настан го пријавив во ОЈО – ГОКК. Дадов електронска комуникација со првотужениот, како и она што јас го запишував, мои белешки“.
Бојан Јовановски-Боки 13: „Правосилната пресуда со која се парадира овде е пред највисокиот суд во државата, со барање користење вонредни правни лекови. Се надеваме дека таа со пресуда, која со оглед на овие сите небулози и недоречености, ќе ја докажеме вистинската фактичка состојба. Знам дека не е овде местото. Апелирам до Врховниот суд да ги цени сите околности за случајот ‘Рекет’, чија единствена цел е спас на Орце Камчев, кој е најдокажаниот проневерувач во државата“.
Боки 13 го праша Камчев дали го познава Зоран Заев, а бизнисменот одговори потврдно.
„Сум имал средба со него. Разговарав за рекетот што го правеше Бојан Јовановски преку ‘1ТВ’ и неговата организација Меѓународен сојуз. Не сум разговарал за случајот ‘Империја’. Немам што да зборувам за тоа, не е Заев обвинител или судија“, изјави Камчев.
Боки 13 праша, ако Заев не е обвинител или судија, зошто разговарал со него за рекетот што го споменал претходно. Бизнисменот рече дека на средбата со експремиерот немало други лица.
„Мотивот беше да биде информиран дека тоа што се случува, дека јас и група бизнисмени сме принудени да се рекламираме и ни се нудат фиктивни проекти. Јас кај Заев не бев да пријавувам, туку да укажам на работи. Првин се сретнав со Заев, тоа беше средба пред пријавата“, рече Камчев.
Камчев беше прашан и дали додека бил во домашен притвор (периодот пред да ги даде тие 1,5 милион евра) бил посетуван од политичари во својот дом и кој доаѓал: „Ниту еден политичар не го посетил мојот дом, го посетувале моите најблиски пријатели, фамилијата, Бојан Јовановски“.
„Сега се потврди една лага, каде што тужителот кажува дека не му доаѓале политичари, а пред Кривичниот суд вели дека му доаѓале 4-5, ама не знаел зошто Обвинителството не ги споменало“, коментира Јовановски пред судот.
Камчев реагира дека Бојан Јовановски претерал со коментарите и со прашањата.
Прашања до тужителот Камчев имаше и судијата Андреј Димовски, кој најпрвин го праша дали било реализирано тоа што било платено, а бизнисменот негира. Во текот на судењето судијата праша и дали било поднесено обвинение за „Империја“, на што Камчев одговори потврдно.
Судијата праша: „Знаете дека рекетот е кривично дело ако ги платите тие 1,5 милион евра? Сте можеле да ја одбиете понудата“, а бизнисменот одговори: „Јас направив тоа што мислев дека е најпаметно за мене и да ја спасам државата од луѓето што правеа измама на бизнисмени“.
„Можам да разберам дека доброволно се согласивте да ги исплатите?“, праша судијата, а бизнисменот се бранеше: „Јас ги исплатив паричните средства, 1,5 милион евра, за да имам доказ, потоа да го документирам случајот и напоменувам дека во периодот кога беа исплатени парите јас бев во притвор и немав можност да се одбранам“.
Прашан дали имал адвокати, Камчев рече дека имал, но немал доверба за да пријави додека бил во притвор: „Во тој момент немате ниту доверба во сите адвокати, го направив она што најдобро го знам“. Судијата го праша зошто писмено не пријавил за случајот „Рекет“ кај институциите, Камчев рече: „Адвокатот беше пријател со директорот на АНБ“. Според Камчев, тој имал средба со Катица Јанева. „Јас во два наврата кога бев повикан во СЈО, додека бев во куќен притвор, остварив непосредна средба со Катица Јанева. На средбата беа присутни адвокати, а кога заврши, Катица им кажа на обвинителката и на адвокатите да излезат од просторијата и рече: ‘Тоа што е со Бојан, да се заврши’“, рече Камчев. Прашан кога биле платени 1,5 милион евра, Камчев рече: „Парите беа исплатени по излегувањето од притвор на слобода. Ги алармирав институциите во предметот познат како ‘Империја’, сѐ уште не е поднесено обвинение, истиот предмет се наоѓа во фаза на истрага“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.
Македонија
Да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари, му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, велат од СДСМ
Му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, каде завршуваат парите на граѓаните од тендерите кои ги добиваат двете омилени фирми на власта, „Пирамид билдинг“ и „Ленди груп“, велат од СДСМ.
Според оваа партија, за два месеци 96 милиони денари или 1,56 милиони евра добиле, како што истакнуваат, „омилените фирми на Орце и на ВМРО-ОКГ од Град Скопје каде тој е градоначалник“.
„20 милиони денари е тендерот за „Пирамид Б“ со склучен договор на 05.12.2026 година.
76 милиони денари е тендерот за „Ленди Груп“ со склучен договор од 28.01.2026 година.
Едни исти фирми, на централно и на локално ниво добиваат тендери и ние да им се извиниме?
Да не треба да му се извинуваме на Орце и за 56 тендери на „Пирамид билдинг“, каде е татко му на шефот на кабинет на Мицкоски, Нелоски?
Или да се извинуваме и 74 тендери на „Ленди груп“ вредни 17.5 милиони евра?
Вие да делите тендери и да се луксузирате на грбот на народот со авиони, часовници, чанти а народот кој не може да врзе крај со крај да ви се извинува?
Извини Орце, да не се малку тендери, да не треба повеќе“.
А што се однесува до чантата, следниот пат, додаваат од опозициската партија, кога ќе објавуваат слика, прво нека ја проучат разликата од таа што неговата сопруга ја носи на промоцијата со онаа којашто ја објави денеска, „очигледна е“.
„Да да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари. Веруваме да“.

