Македонија
Болните не треба да плаќаат паркинг, Таравари и Владата да ги заштитат граѓаните, а не приватникот, има решенија, вели Лазаревски, експертот за ЈПП
Договор во кој приватникот треба да изгради две монтажни катни гаражи и да одвојува еден отсто од годишниот приход за државата, а граѓаните да плаќаат поскап паркинг отколку досега е на штета на јавниот интерес, вели за „Макфакс“ Зоран Лазаревски, претседател на Алијансата за јавно -приватно партнерство Ц.Р.Е.А.М., заедница за реализација европска помош. Без двоумење, вели дека сите досегашни процедури треба да се поништат, а министерот за здравство и Владата да преземат повнимателни чекори и на нов оглас навистина да го заштитат јавниот интерес.
„Ова партнерство за мене е преседан. Не навлегувам во тоа дали е запазена процедурата за јавно-приватни партнерство за што има конкретно пропишани постапки, има надлежни институции кои може и треба да проверат. Овде јас се прашувам кој е интересот на граѓаните, кој јавниот интерес, оти овде јавен интерес не е интересот на институцијата туку на граѓаните. Воопшто го нема ако граѓаните мораат да платат паркинг, притоа и поскап отколку досега. За да се спроведе едно јавно – приватни партнерство на право место треба да е јавниот интерес кој со физибилити студија го пропишува Владата. Јавниот интерес, односно интересот на граѓаните, не е заштитен со 50 денари за час паркирање. Можело тоа да биде барем привилегирана цена, на пример половина од сегашната, иако има начини и паркирањето да биде бесплатно за граѓаните на сметка на други услуги кои во Клиничкиот центар можат да бидат на принципот јавно-приватни партнерство кои би му носеле профит на приватникот“, вели Лазаревски.
Министерот за здравство Арбен Таравари денес објасни дека договорот со албанската компанија „Ѓока констракшн“ единствената пријавена за јавно – приватно партнерство за паркирањето во Клиничкиот центар, се уште не е потпишан. Поминати се сите постапки во Министерството за здравство, но пред да биде потпишан, треба да помине уште неколку филтри во Владата. Министерот Таравари рече дека доколку Владата не го одобри при филтрирањето и доколку граѓаните се против ваков договор, тој нема да го потпише и ќе ја поништи постапката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

