Македонија
Бочварски: Ќе се гради патот до Луковица, обезбедивме 15 милиони денари
Обезбедивме 15 милиони денари за општина Желино за изградба на локалниот пат во Луковица. Со ова решаваме огромно прашање на жителите, истакна министерот Благој Бочварски, кој денеска се сретна со локалното население во село Луковица.
Министерот Бочварски, заедно со пратеничката Фаница Николоска и градоначалникот на општина Желино, Бљерим Сејди, ги информираа жителите дека средствата се обезбедени и префрлени на Општината и најбргу што може ќе почне изградбата на патот во должина од 6 километри.
![]()
„Кон крајот на минатата година имав неколку средби со жителите од Луковица, кои го потенцираа значењето на овој пат. На нивно барање експресно го решаваме ова прашање, обезбедивме средства и еве денеска во пресрет на празникот дојдов во посета на селото да ги информираме жителите дека патот до селото ќе го изградиме за што обезбедивме 15 милиони денари. Денеска остварив средба и со градоначалникот на општина Желино, на која разговаравме за инфраструктурните проекти и за рехабилитацијата на локалните патишта во општината, проект што го работиме преку Министерството за транспорт и врски. Ова е добар пример за соработка меѓу централната и локалната власт“, изјави министерот Благој Бочварски.
Градоначалникот Сејди истакна дека првпат ќе се прави патот до Луковица, проект што е од исклучително значење за месното население.
„Најбргу што може ќе ја провериме проектната документација што ја имаме и ако сè е во ред, веднаш ќе почнеме со процедурите за изградба. Сакам да истакнам дека ќе почнеме и со реконструкција на неколку локални патишта за што веќе се обезбедени средства“, истакна градоначалникот на општина Желино, Бљерим Сејди.
На средбата со градоначалникот, министерот информира и за плановите за изградба на обиколницата кај Тетово преку клучката кај Требош, како и за изградба на автопатските делници на Коридор 8.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

