Македонија
Бошњаковски: Иванов не може да помилува за настаните од 27 април, ќе ги прекриши законите
Владата тврди дека претседателот Ѓорге Иванов не може да даде помилување за лицата осудени за случајот од 27 април. Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, вели дека тие не очекуваат претседателот да даде помилување оти со ваков чекор ќе ги прекрши законите и Уставот.
„Постојат две причини поради кои не може да се води постапката за помилување од страна на шефот на државата. Прво, постапката се води преку Министерството за правда. Не постои законска основа за помилување, без претходна постапка во Министерство за правда. Истовремено, избришан е членот 11 од Законот за помилувањето, кој предвидуваше таква постапка од страна на претседателот на државата. Исто така, со укинувачка одлука на Уставниот суд тој член не е оживеан. Не постои таков инструмент. Со оглед дека се претседателски избори, не може да се дадат помилувања. Во Министерството за правда нема пристигнато барања за помилувања. Сè што ќе се направи надвор од овие рамки би било кршење на законите и Уставот. Не очекуваме дека претседателот би се охрабрил тоа да го направи“, рече портпаролот Бошњаковски.
Семејствата на 14 осудени за настаните од 27 април во Собранието на РСМ поднеле барање за помилување до претседателот Ѓорге Иванов. Барање за помилување е поднесено и за ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, кој беше осуден на 18 години казна затвор.
Засега е непознато кој го поднел барањето за помилување за ексдиректорот на БЈБ. Адвокатот на Митко Чавков, Сашко Дукоски, за „Макфакс“ вели дека последен пат со Чаков се видел во петокот, но воопшто не разговарале за какво било помилување.
Од Кабинетот на претседателот Иванов за „Макфакс“ потврдија дека до петокот во попладневните часови биле доставени повеќе барања за помилувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

