Македонија
Бојковска за предлогот на СДСМ за ДДВ: Економско промашување од партијата на богаташите од Дубаи
Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата нема да го прифати законското решение поднесено од СДСМ бидејќи е несериозно и не решава ниту еден проблем, истакна Драгана Бојковска, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
„Напишано брзоплето, без никаков аргумент и економска логика што впрочем можеше да се види и од излагањето на колешката Тренчевска.
Истите оние што ја разурнаа македонската економија и што животниот стандард на граѓаните го донесоа на дното сега со лажна грижа нудат решенија што не можат да го подобрат животот на луѓето.
Нов ден – ново економско промашување од партијата на богаташите од Дубаи.
Најверојатно на пауза во хотелот Хилтон во Дубаи ја добиле идејата за да поднесат законско решение кое што и самите четири пати го отфрлија во минатиот мандат“, посочи пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.
Само за потсетување, додаде таа, тогаш го покачија ДДВ-то на над 2.000 прехрамбени производи.
Според Бојковска, доколку СДСМ сака навистина да им помогнат на граѓаните единствено што во моментот треба да направат е да гласаат за Буџетот за 2025-та година.
„За повисоки плати на сите работници, за 5.000 денари повисоки пензии за сите пензионери, за реализација на 4 нови автопати, за повисок студентски оброк, за реконструкција на студентски домови, за Ваучер од 250 евра за секој студент, за рекордно висока сума на капиталните инвестиции“, дополни таа.
Појасни дека имаат конкретен план кој дава резултати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граделе во заштитена зона на Шара – кривична за двајца мажи
Двајца мажи се соочуваат со кривична пријава откако, според полицијата, нелегално граделе во зона на Националниот парк „Шар Планина“.
Станува збор за Ф.Ш. (65) од Тетово и И.А. (45) од селото Бродец, кои во текот на 2025 година, во атарот на селото Гајре, изградиле шест бетонски столбови без да обезбедат дозвола за градба од Општина Тетово.
Кривичната е поднесена кривична пријава за „бесправно градење“.
Македонија
Кривична пријава за директор на студентски дом поради несовесно работење
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.Ј. (57) од селото Таринци, општина Карбинци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според пријавата, на 29 и 31 мај 2024 година, Н.Ј., во својство на директор на Државен студентски дом „Браќа Миладиновци” во Штип, постапил спротивно на член 40 од Законот за јавни набавки.
Тој извршил плаќање на фактури во вкупен износ од 84.320 денари за сместување, односно ноќевање за себе и за ученици од студентскиот дом во два хотели во Охрид, без да спроведе соодветна постапка за јавна набавка, соопшти полицијата.
Македонија
Кривична за поранешен градоначалник на Чашка поради сомнеж за злоупотреба
Полицијата поднесе кривична пријава против Г.С. (47) од Велес, поранешен градоначалник на Општина Чашка, и против М.А., раководител на финансиското одделение во истата општина, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според пријавата, Г.С. во текот на 2021 и 2022 година, во повеќе наврати, свесно и со умисла ја ангажирал второпријавената да извршува работни задачи подолго од нејзиното работно време, иако таа била вработена со скратено работно време, што е спротивно на Законот за работни односи, кој забранува прекувремена работа за лица со скратено работно време.
Од СВР Велес информираат дека М.А., и покрај известувањето од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и донесеното решение за четиричасовно работно време поради здравствени причини, прифатила да биде дополнително ангажирана.
За извршените активности ѝ биле исплатени 50.109 денари, со што, според пријавата, е нанесена штета на буџетот на Општина Чашка.

