Македонија
Бојмацалиев: Намалување од 79 проценти на илегални мигранти на ГП Стар Дојран
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, во рамки на серијата посети по Секторите за внатрешни работи, беше во работна посета на Полициското одделение Дојран и на Полициска станица за граничен премин и граничен надзор Стар Дојран, каде што оствари работни средби со раководствата на СВР Струмица, Одделението за внатрешни работи Гевгелија и Регионалниот центар за гранични работи ЈУГ, а потоа ќе оствари и работна средба и со градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов.
„Од средбите со раководствата на овие организациони единици бев информиран за преземените интензивни мерки и активности со цел спроведување на дадените приоритети од контролната стратегија во насока на одржување на поволен јавен ред и мир и спречување и намалување на регистрирани кривични дела на подрачјето од нивна надлежност, што е особено значајно за безбедноста на ова туристичко подрачје.
Првите два месеци од 2024 година во однос на минатата 2023 година, СВР Струмица бележи намалување на регистрираните кривични дела со непознат сторител, односно регистрирани се вкупно 64 (78) кривични дела, но има процентуално зголемување во нивната реализација, односно, во 2024 година постигната е 10% поголема ефикасност во реализацијата на овие дела во однос на истиот период минатата 2023 година.
Најмногу кривични дела во јануари и февруари 2024 година, СВР Струмица има поднесено за „вршење јавен превоз без поседување лиценца“, при што поднесени се вкупно 9 кривични пријави за сторени 12 кривични дела против 14 сторители”, истакна Бојмацалиев.
Во однос на работењето на Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Стар Дојран во рамки на Регионалниот центар ЈУГ, Бојмацалиев беше информиран за резултатите во откривањето и спречување на илегална миграција и криумчарење на мигранти, спречување на останати форми на прекуграничен криминал како и контрола на граничниот премин.
„На подрачјето на РЦ за ГР Југ за овие два месеца бележиме откриени 1057 (1009) илегални мигранти или зголемување од 5% од кои 14 (68) илегални мигранти се на ПС за ГП и ГН Стар Дојран или намалување од 79%. Во делот на криумчарење мигранти откриени се 13 (3) случаи или зголемување од 3 пати од кои 1 (1) случај се на ПС за ГП и ГН Стар Дојран. Воедно, ставен е акцент и на превенцијата, со вкупно реализирани 126 (45) превентивни активности по проекти, трибини и средби со граѓани”, рече Бојмацалиев, со уверување дека вработените од овие организациони единици ќе продолжат со несмален интензитет во полициското работење, а со цел одржување на поволна безбедносна состојба и гарантирање на безбедноста на сите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Комисијата на ЕУ ги повика Скопје и Атина да се држат до Преспанскиот договор
Портпаролот на Европската комисија изјави за „Еурактив“ дека Договорот од Преспа меѓу Грција и Северна Македонија од 2018 година мора да биде спроведен од „сите страни“ и со „добра волја“ во услови на нова расправија меѓу Атина и Скопје што се заканува да го оживее 25-годишниот спор, стои во написот.
Од своја страна, Европската комисија вели дека „сите страни“ треба да се држат до договорот.
„Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински за процесот на проширување. Постојните билатерални договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција“, изјави портпаролот на Европската комисија за „Еурактив“.
Ратификацијата на трите протоколи предизвика политичка полемика во Атина.
Протоколите, кои се дел од Договорот од Преспа, се однесуваат на одговорностите на Грција во однос на контролата на воздушниот простор на Северна Македонија и му обезбедуваат на Скопје обука и знаење за прашањата на ЕУ, пренесува „Еурактив“.
Скопје
Реконструирана училишната спортска сала во основното училиште „Мирче Ацев“
Општина Ѓорче Петров финишира со реконструирањето на училишната сала во основното училиште „Мирче Ацев“, која е веќе пуштена во употреба.
При реконструкцијата изведен е менување на подот во салата, каде што беше поставен нов гумиран под, бојадисување, молерисување на ходникот и кабинетот на наставникот по физичко образование, целосно нова вентилација и опремување со нови спортски реквизити, извести Општина Ѓорче Петров.
Овој проект беше неопходен за нормално одвивање на часовите по физичко образование на основците. Со неговото завршување направен е чекор плус во создавањето добри услови за настава во една од шесте образовни институции во Ѓорче Петров.
Проектот е реализиран во соработка со Министерството за образование и наука, се додава во соопштението на Општина Ѓорче Петров.
Скопје
Вежбалница на отворено првпат во општина Илинден
Комплетно опремена спортска вежбалница на отворено првпат добија жителите на општина Илинден, која се наоѓа кај пешачко-велосипедската патека во Марино.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека во рамките на ова фитнес-катче, каде што младите, па и повозрасните жители на општината, ќе можае да се рекреираат и вежбаат, поставени се повеќе најсовремени фитнес-справи.
Досегашната пракса на инвестирање и создавање услови за спортување постојано се докажува како највредна инвестиција за сите генерации, па затоа Општина Илинден од сопствениот буџет оддвои средства за реализација на спортскиот терен за вежбање на отворено, а во наредниот период продолжува и понатаму со инвестиции во спортот и спортските терени на нејзина територија, соопштуваат од Општината.