Македонија
Бојмацалиев: Поднесени 200 кривични пријави против 865 сторители во периодот 2017-2023 од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал
Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, оствари работна средба со раководството на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР со цел увид во постигнатите резултати и планирање на идните активности.
Притоа Бојмацалиев од страна на раководството на ОСОСК беше брифиран за работата на оваа организациска единица, од каде што, меѓу другото, истакнаа: „Неоспорни се резултатите на МВР во борбата против организираниот криминал и корупцијата. На тоа укажуваат и бројките од 2019 година наваму. Откривачката функција на полицијата во 2021 година беше зголемена дури 50 % и од година на година се зголемува. Од страна на организациските единици во Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, само во текот на 2023 година беа поднесени 36 кривични пријави против 175 физички лица, а кривично беа пријавени девет организирани криминални групи. За првите два месеца од 2024 година поднесени се вкупно шест кривични пријави за 10 кривични дела, а кривично се пријавени 17 сторители, односно 13 физички лица“, брифираа од ОСОСК.
Имено, во периодот 2019 година до крајот на 2023 во однос на резултатите на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал поднесени се 200 кривични пријави против 865 сторители по разни основи. Сузбиени се повеќечлени организирани криминални групи, кои дејствувале во повеќе области – злоупотреба на службената положба и овластувањето, шверцување мигранти, тероризам, даночна измама, недозволена трговија со дрога и оружје, кривични дела против културното наследство и финансиски криминал, беше истакнато на состанокот и констатирано дека успехот е евидентен како во оперативните активности така и во криминалистичките истражувања.
Сериозен успех Одделот бележи и во делот на криминалистички истражувања. Така, во текот на 2023 година активни биле 50 криминалистички истражувања, во кои биле опфатени 458 лица, од кои во тековната година 13 криминалистички истражувања биле затворени со вкупно 94 лица.
Најголем број од криминалистичките истражувања и оперативни активности биле од областа на недозволената трговија со дрога, а како карактеристични случаи во тој дел се една оперативна активност и криминалистичко истражување. Оперативната активност во однос на сузбивање на меѓународна организирана криминална група во делот на недозволена трговија и транспорт на големи количини наркотична дрога кокаин во Република Албанија, организирана од криминална група составена од македонски државјани, при што запленети се 324.4 килограми.
Криминалистичкото истражување за недозволена трговија со дрога BMK, во соработка и координација со Јавно обвинителство за гонење организиран криминал, Јавно обвинителство на Турција, царинските служби на Турција и Северна Македонија, како и СЕЛЕК (Центарот за спроведување на законите во Југоисточна Европа), при што поднесени се две кривични пријави против четири лица и запленети се 1002,52 кг фенилацетон или бензил метил кетон (BMK), главен прекурсор за добивање амфетамински тип стимуланси, класифициран во прва категорија на националната листа на прекурсори.
Бојмацалиев на крајот од состанокот со раководството на ОСОСК истакна:
„Со големо задоволство можам да кажам дека за оперативните активности и криминалистички истражувања колегите од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал се наградени од страна на СЕЛЕК со две награди во 2021 и во 2022 година, со прво место во Југоисточна Европа“, со уверување дека раководството и вработените во оваа организациска единица ќе продолжат со засилена динамика да ги спроведуваат сите оперативни активности, кои значат намалување на севкупниот криминал на државата и гарантирање на безбедноста на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.