Македонија
Бројот на заразени од делта-сојот се зголеми на 10 лица, постои можност за воведување нови мерки

Бројот на заразени од делта-сојот во земјата се искачи на десет лица откога беше потврдено дека тој е присутен кај четворицата сомнителни за кои вчера соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.
Како што дознаваме, станува збор за свекор и снаа, од кои свекорот е во потешка состојба и е поставен да дише на респиратор. Тие живееле во заедница и биле дојдени од странство, но нема докази дека вирусот го донеле однадвор. Другите двајца се брачен бар, Американци, исто така дојдени од странство, кои се веднаш хоспитализирани и нивната состојба е стабилна.
Во моментот епидемиолозите вршат проверки на нивните контакти. Здравствените власти потенцираат дека лицата заразени од индиската варијанта на коронавирусот не биле вакцинирани.
Министерот за здравство, Филипче, денеска повторно нагласи дека вакцинацијата е единствен начин за заштита од делта-сојот и дека в понеделник со Комисијата за заразни болести ќе се разгледува можноста за воведување нови рестриктивни мерки.
„Состојбата, генерално, е мирна, на некои места нема ниту еден хоспитализиран во болниците во државата, а на други некои од ковид-центрите се целосно затворени. Со Комисијата со заразни болести в понеделник ќе се разгледува потребата од нови рестриктивни мерки. Ова е ситуација што ни покажува колку е важно граѓаните да се вакцинираат. Видете ја Англија, индискиот сој е присутен, но има попуштање на мерките поради високиот процент на вакцинација“, изјави Филипче.
Тој додаде дека од понеделник, освен теренската вакцинација, ќе може да се вакцинираат и децата над 12 години (со вакцината на „Фајзер“), а граѓаните од понеделник ќе немаат потреба да закажуваат термини за вакцинација, туку директно ќе може да одат на пунктовите и да примат вакцина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алиу го промовира електронскиот систем за евиденција и управување со барањата за листата на лекови

Во Министерството за здравство денеска беше промовиран нов информациски електронски модул – систем за евиденција и управување со барањата за листата на лекови.
Со модулот, како што истакна министерот за здравство, Азир Алиу, првпат се почнува со дигитализација на постапката за ставање нов лек на позитивната листа.
Тој појасни дека модулот е изработен од Управата за електронско здравство, во соработка со Секторот за фармација во Министерството за здравство, ќе биде јавно достапен на интернет-страницата на Министерството (www.lekovi.zdravstvo.gov.mk) и во функција ќе биде веднаш кога ќе стапат во сила измените на прописот, со кој се уредува оваа постапка, а кој се очекува деновиве да се објави во „Службен весник“.
Модулот, како што рече, овозможува електронско поднесување на барањата и внесување на неопходната документација за лекот во системот, што досега се доставуваа исклучиво во хартиена форма. Со ова, според него, се постигнува значителен напредок во дигитализација на одделните процеси на стандардната оперативна процедура на уредената постапка.
„Станува збор за прва електронска евиденција и управување со барањата за листата на лекови во националниот систем, со што се овозможува и транспарентност на процесот преку достапен јавен портал и следење на одделните процеси и на напредокот на постапката во реално време.
Придобивки на новиот е-модул се: подобрено управување со барањата за листата на лекови и ефикасност на постапката, намалување на административниот товар за фармацевтските компании, кои се јавуваат како апликанти во постапката, транспарентност на постапката и размена на информации, прецизна евиденција и управување со поднесоците и лесен пристап до податоци, унапредување на пристапот за лековите на позитивна листа“.
Македонија
Реконструкција на улицата Боро Кралевски во Радишани

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски изврши увид во активностите за реконструкција на улицата “Боро Кралевски”, во должина од 568 метри.
Од општината најавија дека градежната офанзива во населба Радишани продолжува.
„Локалната самоуправа целосно ги реконструираше улиците “Симче Настевски”, “Киро Димушков” и “Скоевска”. Покрај тоа, во завршна фаза е изградбата на мега-паркот и плоштадот, на површина од 10.000 м2.
Реализацијата на овие проекти во Радишани претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот и уште еден чекор кон обнова и подобрување на патната инфраструктура на општина Бутел“.
Македонија
Платите во јули пораснале за над 10,5 отсто во споредба со јули 2024, а државниот и јавниот долг намалени првпат по долго време, рече Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски се осврна на најновите податоци од Државниот завод за статистика во врска со информацијата за движењето на платите.
„Никогаш не можете да бидете задоволен од висината на приходите, односно на платата, и секогаш, како Влада, треба да работиме повеќе за да обезбедиме дополнителни средства или да обезбедиме таква средина за бизнисот да се развива, за да можат работниците да добијат повисока плата“, кажа премиерот.
Според него, токму со ваквите податоци од статистика, се распрснуваат тезите на опозициската партија СДСМ дека платата не растела и дополни дека вчера Државниот завод за статистика објави податок дека и бруто и нето платата во јули е за повеќе од 10,5% поголема од јули 2024 година.
„Но, она коешто е важно е дека сите оние тези на СДСМ, дека платата не растела, дека долгот се зголемувал, дека сме ги задолжиле неродените генерации со седум милијарди итн, полека но сигурно, како меур од сапуница, се распрснуваат. Имено, вчера Државниот завод за статистика објави податок дека и бруто и нето платата во јули е за повеќе од 10,5% поголема од јули 2024 година, којшто, впрочем, беше и прв месец од оваа Влада. Така што тезата на СДСМ дека платите не само што не растеле, туку и се намалувале, не држи вода“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека на крајот од вториот квартал заклучно со месец јули 2025 година, за прв пат после многу време и државниот и јавниот долг се намалени, едниот за 4%, другиот за 2,7%.
„Исто така, СДСМ има уште една теза, повторно лажна, а тоа е дека сме ги задолжиле неродените генерации. Министерството за финансии излезе со јасен дијаграмски приказ колкав е процентот на државниот и јавниот долг од бруто-домашниот производ, и многу лесно можете да забележите дека на крајот од вториот квартал, заклучно со месец јуни 2025, за првпат после многу долго време, и државниот и јавниот долг се намалени едниот за 4%, другиот за 2,7%.
Мицкоски им препорача на опозицијата, да бидат конструктивни, да научат од грешките во минатото и да не ги повторуваат.