Македонија
Бугаринот избоден со нож во Скопје останува во болница
Бугаринот избоден со нож во Скопје останува во болница. 29-годишниот навивач на бугарскиот клуб „Левски“ беше повреден во инцидент во скоската населба Чаир, дента кога се играше натпреварот со „Шкупи“.
Тој беше опериран и останува на интензивна нега. Неговата состојба и натаму е стабилна, но тешка, јавува Бугарската национална телевизија.
Лекарите објасниле дека не треба да се транспортира барем во првите денови од неговото лекување.
За БТВ зборуваа и приведените навивачи на „Левски“, кои им се заблагодарија на бугарските навивачи за собраните пари за нивно ослободување откако беа приведени од страна на полицијата поради немирите.
За време на судирите со полицијата и инцидентите пред фудбалскиот натпревар уапсени беа 19 бугарски навивачи. Од нив, осум лица за насилство на спортски натпревар, две лица за физички напад на полициски службеници, кои вршеле службени дејства, а девет поради агресивно однесување кон нив. Околу полноќ полициските службеници приведоа и двајца навивачи на навивачката група на ФК „Шкупи“, кои го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка, информираа од македонското МВР.
По 24 часа во притвор, навивачите на Левски беа ослободени. Против нив немало обвинение, но платиле по 300 евра казна.
Осуда за насилството стигна од Министерствата за надворешни работи во двете земји.
Премиерот Димитар Ковачевски рече дека инцидентите пред и по натпреварот меѓу бугарскиот клуб „Левски“ и домашниот „Шкупи“ се резултат на хулигани, кои се тепале меѓу себе, а повредиле и полицаец. Тој повика спортот да им се остави на спортистите и нагласи дека хулиганите успеале да ги преземат сите вести во медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Комисијата на ЕУ ги повика Скопје и Атина да се држат до Преспанскиот договор
Портпаролот на Европската комисија изјави за „Еурактив“ дека Договорот од Преспа меѓу Грција и Северна Македонија од 2018 година мора да биде спроведен од „сите страни“ и со „добра волја“ во услови на нова расправија меѓу Атина и Скопје што се заканува да го оживее 25-годишниот спор, стои во написот.
Од своја страна, Европската комисија вели дека „сите страни“ треба да се држат до договорот.
„Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински за процесот на проширување. Постојните билатерални договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција“, изјави портпаролот на Европската комисија за „Еурактив“.
Ратификацијата на трите протоколи предизвика политичка полемика во Атина.
Протоколите, кои се дел од Договорот од Преспа, се однесуваат на одговорностите на Грција во однос на контролата на воздушниот простор на Северна Македонија и му обезбедуваат на Скопје обука и знаење за прашањата на ЕУ, пренесува „Еурактив“.
Скопје
Реконструирана училишната спортска сала во основното училиште „Мирче Ацев“
Општина Ѓорче Петров финишираше со реконструирањето на училишната сала во основното училиште „Мирче Ацев“, која е веќе пуштена во употреба.
При реконструкцијата изведен е менување на подот во салата каде беше поставен нов гумиран под, бојадисување, молерисување на ходникот и кабинетот на наставникот по физичко образование, целосно нова вентилација и опремување со нови спортски реквизити, извести општина Ѓорче Петров.
Овој проект беше неопходен за нормално одвивање на часовите по физичко образование на основците. Со негово завршување, направен е чекор плус во создавањето добри услови за настава во една од шесте образовни институции во Ѓорче Петров.
Проектот е реализиран во соработка со Министерството за образование и наука, се додава во соопштението на општина Ѓорче Петров.
Скопје
Вежбалница на отворено првпат во општина Илинден
Комплетно опремена спортска вежбалница на отворено првпат добија жителите на општина Илинден, која се наоѓа кај пешачко-велосипедската патека во Марино.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека во рамките на ова фитнес-катче, каде што младите, па и повозрасните жители на општината, ќе можае да се рекреираат и вежбаат, поставени се повеќе најсовремени фитнес-справи.
Досегашната пракса на инвестирање и создавање услови за спортување постојано се докажува како највредна инвестиција за сите генерации, па затоа Општина Илинден од сопствениот буџет оддвои средства за реализација на спортскиот терен за вежбање на отворено, а во наредниот период продолжува и понатаму со инвестиции во спортот и спортските терени на нејзина територија, соопштуваат од Општината.