Македонија
Бугарија се однесува како Русија, рече Ковачевски во Советот на Европа
Бугарија се однесува кон Македонија исто како Русија кон Украина. Ова го изјави премиерот Димитар Ковачевски на четвртиот самит на Советот на Европа во Рејкјавик и додаде дека обвинувањата од Бугарија за непочитување на човековите права во Македонија се неосновани.
„Дискурсот што се користи од Бугарија кон Северна Македонија, за жал, е многу сличен на дискурсот што Руската Федерација го користи кон Украина. Неприфатливо е таквите обвинувања да се злоупотребуваат за политички цели, особено во овој клучен период за иднината на Европа. Северна Македонија е меѓународно признаена како функционално модерно мултиетничко општество, каде што се почитуваат сите права, а и сите извештаи го потврдуваат тоа“, рече Ковачевски.
Според него, обвинувањата наведени на овој самит од страна на претставникот на Бугарија се целосно неосновани и доаѓаат од земја што не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права и стандардите на Советот во областа на човековите права.
Тој додаде дека Македонија и Албанија се движат напред и не смее да се дозволи влијание од надвор, особено не е од Русија во срцето на Балканот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Изборниот систем сите нас нè краде, ускратени сме за најмалку два мандати
„Донтовиот изборен модел, поделен во шест изборни единици, заедно со неколкукратно спроведуваниот геримандеринг на нивните граници, уште еднаш ги сруши темелите на демократијата и еднаквоста како уставни категории. Ваквиот изборен модел овозможи легална изборна манипулација со гласачкото тело, што се покажува како најголем непријател за гласот на граѓаните и на штета на Левица“, реагираат од оваа партија.
Појаснуваат дека согласно логиката на овој неправеден изборен модел, 23.725 гласови односно 34.55% од добиените гласови на Левица, не се валоризирани во пратенички мандати.
„Овој изборен модел го поништил секој трет глас за Левица! Па така, за Левица да добие еден пратеник биле потребни околу 11.000 гласови, додека за еден пратеник на ДПМНЕ или ДУИ било потребно нешто над 7000 гласови.
Доколку гласовите беа вреднувани еднакво, Левица во овој пратенички состав ќе имаше најмалку 2 пратеника повеќе во овој парламентарен состав.
Ако се земе предвид и ваквиот дефицит од претходните парламентарни избори, во текот на овие осум години, со овој изборен модел, на партијата ù се скратени најмалку 5 пратеници што е еднакво на парламентарна група“, истакнуваат од партијата.
Додаваат дека ваквиот демократски дефицит кој го создава овој изборен модел не смее да продолжи.
Според нив, гласот на граѓаните мора еднакво да биде вреднуван.
„Заради тоа, услов на Левица, за било каква идна влада, ќе биде промена на изборниот модел, воведување на една изборна единица и императивен мандат на пратениците“, се истакнува во соопштението на Левица.
Македонија
Запленети 4,8 килограми злато при влез на автобус на ГП Богородица: сообраќал на линијата Истанбул – Гостивар
Царински службеници запленија 4,8 килограми златен накит со проценета вредност од 20,4 милиони денари по контрола на автобус на граничниот премин Богородица при влез во државата.
Имено, царинските службеници на граничниот премин Богородица селектираа автобус што сообраќал на линија Истанбул – Гостивар, при што е извршен детален претрес.
Во пределот за багаж е пронајдена црна торба, во која во 9 пакетчиња обвиени со најлон е откриено злато со тежина од 4,8 килограми. Возачот, кој првично изјавил дека нема ништо за пријавување, по откривање на златото, потврдил дека торбата е негова.
„Нашите царински службеници се грижат за забрзан транспорт на легална трговија, но истовремено ги штитат приходите на државата спречувајќи шверц и криминал. Во случајот е спречено избегнување плаќање увозни давачки во износ од 5 милиони денари“, велат од Царинска управа.
Случајот е преземен од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, при што против возачот ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија. Златото во согласност со законот ќе биде предадено во Народната банка.
Македонија
Зајкова: Забрзана ЕУ-интеграција е клучот за иднината на Македонија
Придобивките од членството во ЕУ значително ги надминуваат сегашните предизвици, а промоцијата на либералните вредности и на демократските стандарди останува врвен приоритет за партијата, рече претседателката на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова, во рамките на панел-дискусијата „ЕУ-интеграции – Кој е следниот чекор?“, организирана од Либералниот институт – Скопје.
Покрај Зајкова, говорник на панел-дискусијата беше и Бо Мандеруп Јенсен од Данска, искусен политичар со работа во институциите на ЕУ, а моментно е претседател на бордот на директори на данската програма за либерална демократија.
Зајкова во своето излагање посочи дека ЛДП е континуиран поддржувач на забрзаната европска интеграција на Македонија. Таа истакна дека државата е веќе длабоко вкоренета во процесот на приближување кон ЕУ.
„Соочени сме со многубројни предизвици вклучувајќи ја и потребата за значителни реформи во јавната администрација и правосудството, а државата треба да се фокусира и на имплементација на 40 препораки од ОБСЕ и ЕУ, кои новата влада треба да ги усвои и спроведе“, рече Зајкова.
Како што посочи, соработката со либералите во ЕУ е клучна за напредокот на Македонија.
Мандеруп Јенсен во својот говор сподели детали од историјата на Данска и нејзините дебати во врска со членството во ЕУ, кои траеле долги 15 години.
„Процесот на интеграција во ЕУ е сложен и бара исполнување 35 поглавја, но тоа е предизвик што носи многу придобивки за вашата земја“, истакна тој.
Според него, инвестирањето во ЕУ-членство носи многу повеќе корист отколку загуба, објаснувајќи дека иако Данска не е дел од еврозоната и сè уште ја користи својата валута, таа има солидна монетарна независност.
ЛДП е активен член на АЛДЕ од своето основање и е препозната во Европскиот парламент, што е голема предност во лобирањето за исполнување на стратешките интереси.
Заклучокот од оваа панел-дискусија е тоа што придобивките од членството во ЕУ значително ги надминуваат сегашните предизвици, а промоцијата на либералните вредности и демократските стандарди останува врвен приоритет за партијата.
Овој настан јасно покажува дека политичките и економските лидери се подготвени да ги водат своите земји кон подлабока европска интеграција, со што се обезбедува стабилност, напредок и унапредување на демократските вредности на Балканот.