Македонија
(Видео) Бутел и денес под блокади, четврти ден дел од жителите без струја
Крстосницата на улиците Босна и Херцеговина, Александар Урадревски и Кемал Сејфула во Бутел и денес е блокирана од жители кои четврти ден немаат струја. Сообраќајниот хаос е прелеан на сите околни улици оти пристапите до крстосницата се блокирани со автомобили. Педесетина жители на куќите во близина на капелата на Градските гробишта „Бутел“ од синоќа се на крстосницата и велат дека нема да се откажат од блокадата сè додека ЕВН не им пушти струја.
„Блокадите ќе останат сè додека не се реши проблемот. Има преговори со ЕВН и од нив зависи до кога ќе блокираме“, велат жителите.
Од ЕВН потврдија дека нема струја во 120 куќи во близина на Градските гробишта поради дефект во трафостаницата. Дефектите во оваа трафостаница велат дека зачестиле со намалување на температурите поради прекумерна потрошувачка. За да се отстрани дефектот, неопходна е реконструкција на мрежата, но екипите на ЕВН биле нападнати од жителите во обидите да почнат да работат на поправките.
„Деновиве, поради неконтролираната потрошувачка, горат осигурувачите, лани изгореа каблите. Не дај боже, следно е да изгорат и поголеми енергетски објекти и потоа реконструкцијата ќе трае со недели, а исто толку време ќе немаат напојување и повеќе корисници. Затоа, им понудивме решение да се реконструира мрежата, да се воведе ред во снабдувањето и да се надминат проблемите. Но, тоа не е прифатено. И уште пострашно, секојдневно кога екипите одат на терен, врз нив врши и физчка и психичка тортура од страна на група несовесни граѓани од ова населено место. Оневозможени се и да ги санираат дефектите. Отворени сме за соработка и разговори да се најде начин да се надмине проблемот. ЕВН секогаш ќе биде на страната на своите корисници, но не на оние што ги напаѓаат вработените, нелегално ја користат електричната енергија или на други начини прават злоупотреба во мрежата“, велат од ЕВН.

Сите пристапи до крстосницата се блокирани со автомобили
Жителите, пак, тврдат дека не се против реконструкција на мрежата и согласни се на сите измени што ги планира ЕВН. Негираат дека ги нападнале екипите на ЕВН, велат дека им вареле и кафе на струјаџиите.
Во решавање на проблемот се вклучи и Општина Бутел, на чија територија се блокадите. Градоначалникот Велимир Смилевски вели дека само неколку куќи се на територија на Бутел, другите се на територија на Шуто Оризари и повеќето од нив се дивоградби. Тој на жителите што ја блокираат крстосницата им порача дека условите за сите во Република Македонија се исти и дека потрошената струја мора да се плаќа.
Преговорите со жителите се во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

