Македонија
(Видео) Бучковски да сведочи за „Маѓар телеком“, побара адвокатот на првообвинетиот
Ненад Јанакиевиќ, адвокатот на првообвинетиот за судењето за случајот „Маѓар телеком“, побара на едно од следните рочишта да сведочи експремиерот Владо Бучковски. Ова произлегува од досегашното испрашување на сведоците Дејан Мицковиќ и Џемали Мехази и поради фактот што на протоколот стои потписот на Бучковски во име на владата.
Сведокот, ексразузнавачот Слободан Богоевски, не дојде на денешното судење поради тоа што бил ангажиран во работна група на Владата за реформи. На судењето како јaвност дојде Симон Груевски, кој во јавноста изнесуваше обвинувања за работењето на „Македонски телеком“. Следното рочиште е закажано за 24 април. Покана за сведочење добил и професорот Борче Давитковски.
Унгарецот Атила Сендреи и членовите на тогашниот одбор на директори во „Македонски телеком“, Германецот Ролф Плат и Унгарецот Золтан Кишјакус, се обвинети дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“. На тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ за речиси 4 милиони евра, а буџетот на државата за 2 милиони евра бидејќи Владата во тој период поседуваше 47 отсто од акциите во компанијата.
Во предметот беше обвинет и Гркот Михаил Кефалoјанис, но обвинителот Марко Зврлевски за него ја отфрлил пријавата.
Според обвинението, на сметка на фирмата во Кипар биле префрлани пари без одлука на одборот на директори, а налозите ги потпишувале Сендреи, Плат и Кишјакус. Првото судење се одржа на 26 октомври 2011 година. Судот распиша меѓународна потерница во 2008 година за Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус.
Тројца ексдиректори на „Маѓар телеком“, Елег Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи, во паралелна постапка што се водеше пред унгарските власти за истиот случај беа обвинети дека во 2005 и 2006 година на македонски функционери им исплатиле мито од приближно 4,8 милиони евра за да ја одложат либерализацијата на телекомуницискиот пазар. Ексдиректорите ги исплаќале парите како консултански и маркетинг-услуги.
Штрауб и Балог во април 2017 година се спогодија со окружниот суд во Њујорк и платија глоби, а пет години им е забрането да вршат дејност во акционерските друштва. Штрауб плати 250 илјади долари, а Балог 150 илјади долари. Третобвинетиот во случајот, Тамаш Морваи, се спогоди и плати глоба од 60 илјади долари за фалсификување на книгите на компанијата поврзани со поткупот.
Аферата доби нова димензија по сведочењето на ексразузнавачот Слободан Богоески пред окружниот суд во Њујорк, кое беше објавено јавно и првпат во јавноста беа посочени конкретни имиња. Богоески во сведочењето тврдеше дека мито од „Маѓар телеком“ зеле поранешниот премиер Владо Бучковски, како и функционерите од ДУИ, Али Ахмети, Муса Џафери и Абдулхалим Касами. Ахмети и Џафери, кои го тужеа Богоески за клевета и навреда, го добија случајот на суд, но Апелациониот суд ја укина пресудата.
СЈО води предистражна постапка за случајот. Скопското Обвинителство долго време не му го даваше на СЈО предметот „Маѓар телеком“ со образложение дека не се поврзани ниту, пак, произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.

