Македонија
Вакциналните пунктови викендов ќе работат во две смени

Вакциналните пунтови во поликлиниките „Букурешт“, „Бит-пазар“ и „Јане Сандански“, викендов, на 5 и 6 јануари, ќе работат во две смени, во периодот од 7:30 до 19 часот. В понеделник, на 7 јануари 2019 година, овие пунктови ќе работат само прва смена, од 7:30 до 13:00 часот, соопшти Министерството за здравство.
Од таму информираат дека денеска до 15 часот вакцинирани се вкупно 939 деца со МРП-вакцина. Во моментов нема нови потврдени случаи на новозаболени лица од морбили (мали сипаници). Од Министерството велат дека МРП-вакцината е висококвалитетна и ефективна, а производител е GlaxoSmithKline од Белгија.
„Апелираме до сите родители да ги вакцинираат децата со МРП вакцина. Потсетуваме дека сè уште е на сила наредбата дека децата, кои се невакцинирани нема да бидат примени во детските градинки, со цел да се спречи ширењето на епидемијата прогласена во Скопје. Родителите кои со своите деца ќе одат во поликлиниките на вакцинација имаат право да го проверат производителот и рокот на траење на вакцината пред да ги вакцинираат“, велат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Патот Фариш-Дреново беше 90% направен, тоа е наш проект

СДСМ со задоволство го одбележува завршувањето на експресниот пат низ Фаришката клисура – капитален инфраструктурен проект кој беше над 90% реализиран во времето на владата предводена од СДСМ, соопштија од опозициската партија, откако денеска премиерот Христијан Мицкоски со министри и директори го објави пуштањето во употреба на овој пат.
„Овој патен правец, долг 10,2 километри и вреден над 33 милиони евра, е еден од најсложените проекти на оваа траса, со изградба на два тунели, 21 мост, вијадукт, галерија и други клучни конструкции – сите завршени со над 90% во мандатот на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ, по цела година власт, се слика на отворање на пат за кој само санираа едно свлечиште, поставија сигнализација и неколку огради. Толку. Но, најважно од сè – граѓаните од Прилеп, Битола, Ресен и целиот Пелагониски регион конечно добиваат современ и безбеден патен правец, важен за транспортот, економијата и секојдневниот живот. СДСМ, како одговорна партија, инвестираше сериозно во патната инфраструктура: експресниот пат Градско – Дреново, реконструкцијата на Плетвар, патот Прилеп – езерото, автопатот Прилеп – Битола како дел од Коридорот 10д. Тоа се реални резултати од нашата посветена политика за подобра инфраструктура и подобар животен стандард за сите“, велат од СДСМ.
Од таму додаваат дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден свој проект и промовира само проекти на СДСМ.
„Прашањето е што ќе прави кога ќе ги промовира сите проекти на СДСМ?“, велат од партијата.
Македонија
Максим Димитриевски реизбран за претседател на ЗНАМ

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, на партиски конгрес едногласно му ја довери претседателската функција на Максим Димитриевски за нов четиригодишен мандат, објави портпаролот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Никола Мемов.
„На Конгресот, повеќе од 420 делегати едногласно му ја доверија претседателската функција на Максим Димитриевски за нов четиригодишен мандат. Ова не е само доверба. Ова е императив дека ќе продолжиме да ја водиме Македонија не со калкулантство и пазарење, туку со чесност, државотворност и непоколеблива посветеност кон народот“, рече тој.
Мемов кажа дека ЗНАМ не влегол во институциите за моќ, туку за правда, ред и државност.
На Конгресот беa избрани новите состави на Централниот одбор кој брои 80 членови и надзорниот одбор со 5 членови.
Меѓу избраните членови на ЦО се: Марин Докузовски, поранешен селектор на кошаркарска репрезентација на Македонија, д-р Билјана Ќупева Туџаровска, доктор на науки, Филолошки факултет, Јане Алтипармаков, самостоен уметник, дипломирал филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности, Игор Митрески, поранешен фудбалски интернационалец и репрезентативец на Македонија, д-р Александар Петров, доктор на науки, дипломиран машински инженер, м-р Александар Крстевски, докторант на Економски факултет-политичка економија, м-р Љубе Маркоски, магистер за стратегиски менаџмент на мали и средни бизниси
„Ова не се луѓе од старите политички шеми. Ова се луѓе кои не се дел од компромитираните кругови на минатото, туку гласници на новото време. Тие се доказ дека Движењето ЗНАМ не гради кадри за позиции, туку тим за промени“, рече Мемов.
За генерален секретар на Движење ЗНАМ е реизбран Горан Минчев, дипломиран економист, актуелен министер за јавна администрација, за потпретседатели на партијата беа избрани Павле Арсоски, доктор на историски науки, генерал-мајор во пензија, актуелен пратеник во Собранието на РМ, Весна Бендевска, дипломиран психолог, актуелен пратеник и потпретседател на Собранието на РМ и Борче Серафимовски, Факултет за меѓународна економија и администрација, актуелен државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
За Организациски секретар е избран Сашо Петрушевски, дипломиран машински инженер, а за Претседавач на Централниот одбор е избран Игор Филков, дипломиран правник, актуелен министер за правда.
Македонија
ВМРО ДПМНЕ ја става Македонија во заложништво на други држави, обвини Филипче

СДСМ од првиот ден предупредуваше дека Владата на ВМРО ДПМНЕ ја става државата во заложништво на други држави – наместо кон интеграција и напредок, во геополитичка изолација и опасна економска зависност, потенцираше претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Тој стакна дека ваквите укажувања на СДСМ, ги потврдила и Европската Унија во извештајот.
„Покрај опасното задолжување со директни заеми, политиките се водат под диктат на други земји кои имаат преголемо влијание врз влада. А сега тоа се повеќе се гледа и се потврдува. Во извештајот јасно стои дека Северна Македонија е тешко погодена од странско мешање и дезинформациски кампањи, вклучувајќи хибридни закани, стратешка корупција, сомнителни финансиски текови и принудни инвестициски практики – особено со потекло од Русија и од Кина“, рече Филипче.
Она што особено загрижува, како што рече Филипче, а што и ЕУ го нотира е задолжувањето од Унгарија, кое укажува на ризик од финансиска зависност од Кина.
„Се говори дека Европската Унија е алармирана за улогите на Унгарија и на Србија во унапредување и ширење на геополитичките цели на Русија и на Кина на Балканот. Во кој контекст, во извештајот се забележува ризик од зависност од Кина преку асиметрични заеми, како што е последниот заем од Унгарија – за кој се чини дека е набавен од Кина, за што ние исто така предупредувавме“, рече Филипче.
Дополнително, Филипче посочи дека додека власта од една страна ја става државата во заложништво на други држави, од друга страна ја изолира на дипломатско ниво.
„Владата исто така ја изолираше Македонија која единствена се воздржа од гласање за европската резолуција за Украина. Тоа е дипломатски срам и дипломатски скандал којшто го нотираат сите стратешки партнери, а сега и извештајот. Јасно укажавме дека за прв пат Македонија гласа надвор од контекстот на заедничка безбедносна и надворешна политика со ЕУ“, рече Филипче.
Тој, исто така, кажа дека извештајот на Европскиот парламент ја има најлошата оценка за Македонија во последната деценија.
„Се чини дека Владата на ВМРО ДПМНЕ веќе подолго време има сознанија дека во овој извештај Европската Унија со длабоко разочарување и на многу директен начин ќе го истакне неочекуваното застранување на македонската Влада од усогласувањето на македонската надворешна политика и онаа на ЕУ. Знаејќи ги сите овие сериозни критики од Европската Унија, ВМРО ДПМНЕ реактуализира националистички теми со цел да ги поклопи овие критики од Европската Унија“, рече Филипче.
Тој рече дека судејќи по досегашната надворешна политика на владата се отвора прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ веќе работи на друга алтернатива или останува патот кон евроинтеграциите.
„Овде дома сите ние треба да го поставиме прашањето – дали со ваквите потези кои се прецизно нотирани во извештајот на Европската Унија – европската интеграција останува само декларативна заложба на Владата на ВМРО-ДПМНЕ или можеби веќе се работи на нова алтернатива, нов правец во кој треба да се движиме?“, рече Филипче.