Македонија
Вакцинираните од следната недела ќе добиваат потврда која служи како ковид-пасош

Од следната недела ќе почне издавањето на потврдата за вакцинирање која сè уште нема официјален статус на ковид-пасош, но ќе служи како документ за патување во оние земји кои тоа ќе го побараат.
Засега најави има од Грција, која на 14 мај ќе ја отвори границата за Македонци за кои ќе биде дозволен влезот доколку имаат потврда за примени вакцини или негативен ПЦР-тест за Ковид-19.
„Нема форма на вакцинален пасош, има потврди кои се прифаќаат од земјите во регионот. Тие се спремни и од следната недела ќе се издаваат. Тоа се посебни потврди на кои има код кој ги дава податоците за вакцинацијата. Засега информациите се дека за влез во Грција освен таа потврда алтернатива е негативен ПЦР, но не сам по себе и позитивен наод на ИГГ антитела“, рече министерот Филипче.
Потврдите за примени вакцини ќе се издаваат и ретроактивно, на сите што ги примиле двете дози од вакцината за заштита од Ковид-19.
Тие, според досегашните најави, се неопходни за влез во Грција, а влезот во останатите земји од ЕУ за нашите граѓни е условен со негативен ПЦР-тест.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утрово нестабилно време на исток, преку денот сончево и ветровито

Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во раните утрински и претпладневни часови во источните делови од земјата ќе има нестабилно време со локален пороен дожд и услови за ретки грмежи.
Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, локално со брзина над 60 километри на час. Минималните температури ќе се движат од 11 до 19, а максималните ќе достигнат од 24 до 31 степен.
Во главниот град ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Облачноста ќе се намали во текот на денот, а ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 16, додека максималната ќе достигне до 30 степени.
Од вторник ќе преовладува претежно сончево и ветровито време, со умерен до засилен северен ветер кој ќе биде најизразен долж Повардарието.
Македонија
Паркинг ќе се плаќа без пораки, јавен превоз без картички, музеј и жичарница без редици, Ѓорѓиевски претстави нова паметна картичка за Скопје

Актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, презентираше нова картичка со која сите услуги што ги нуди градот ќе бидат достапни на едно место. Проектот „Скопје сити гоу- паметна картична“ е наменет пред се на младите со цел Скопје да стане вистински модерен европски град што ќе нуди едноставни, практични и паметни решенија за сите граѓани.
„Ова е еден од проектите со кој особено се гордеам, Скопје сити гоу – паметна картичка со која сите услуги што ги нуди Градот ќе бидат достапни на едно место. Наместо десетици различни карти, апликации и плаќања, секој граѓанин ќе има една унифицирана и дигитална алатка. Јавен превоз – едноставен пристап без редици, готовина и посебни картички. За младите ова значи повеќе мобилност и слобода. Паркинг без пораки, автомати и губење време. Брзо и практично решение преку самата картичка. Културни и забавни содржини – музеите, кината, театрите, жичарата и зоолошката градина ќе бидат достапни преку едно средство“, најави Ѓорѓиевски.
Картичката „Скопје сити гоу“ Ѓорѓиевски вели дека ќе биде симбол и на социјална еднаквост.
„Средношколците, семејствата со ниски примања, пензионерите, невработените и лицата со попреченост ќе ја добијат бесплатно. За нив, услугите ќе бидат бесплатни или со драстично намалени цени. Никој нема да биде изоставен“, вели градонаалникот Ѓорѓиевски.
Картичката тој очекува да има вредност и надвор од јавниот сектор, одноно општествено одговорни компании ќе овозможат преку неа дополнителни услуги и поволности.
Предвидено е „Скопје сити гоу“ да биде достапна и како мобилна апликација, но и како физичка картичка за оние кои ја преферираат класичната форма, а секој, без разлика на возраста и технолошките навики, ќе може лесно да ја користи.
„Ова е визија за поинакво Скопје, град кој им штеди време и пари на своите жители, кој се грижи за младите и за ранливите категории, и кој ја користи технологијата за да им служи на луѓето. Со ’Скопје сити гоу’ започнуваме ново поглавје – модерно, дигитално и европско Скопје“, рече Ѓорѓиевски.
Македонија
Побаран притвор за четири лица во врска со пожарот во Трубарево

Скопското Обвинителство поведе постапка против четири лица поради сомнение за загрозување на животната средина и природата со отпад, во врска со пожарот што избувна во Трубарево, а за кои од судија на претходна постапка вечерва ќе побара определување мерка краткотраен 48-часовен притвор за обезбедување докази.
Станува збор за 56-годишен управител и сопственик на две фирми, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишен раководител на подружница и 59-годишен вработен во правно лице. Воедно се испитува потенцијалната одговорност и на други лица.
Во текот на денот јавниот обвинител издаде повеќе наредби за прибирање докази, по кои сè уште постапуваат надлежните органи. Се очекуваат и резултатите од мерењата на загадувањето што ги спроведува Министерството за животна средина.