Македонија
Варвициотис: Не поддржуваме раздвојување на Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров утрово во Атина го започна своето учество на 6-от Економски форум Делфи со панел на тема „Дипломатијата на малите држави во комплексниот поредок“.
Димитров потенцираше дека Северна Македонија извлече голем број поуки во текот на триесетте години од независноста.
„Успеавме да се приклучиме кон НАТО, со поддршката од нашите соседи во Атина“, рече Димитров.
Вицепремиерот објасни дека пристапот на нашата дипломатија и надворешна политика во текот на изминатите години беше да се фокусираме на иднината, на заедничките интереси, да им отежниме на другите да покренат спор со нас, односно да бидеме пријателски настроени, отворени и да работиме заедно.
Заменик министерот за надворешни работи на Грција Милитиадис Варвициотис истакна дека неговата земја не подржува раздвојување на Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ.
„Сакам да кажам дека новиот процес на проширување за кој се согласивме минатата година, треба да биде кредибилен процес и треба да биде процес што ќе се одвива со поголема брзина во споредба со стариот процес на проширување, низ поглавја, низ преговори што никогаш не завршуваат. Затоа е битно овој процес да почне веднаш за сите кандидатски земји. Ние не поддржуваме било какво раздвојување на Северна Македонија и Албанија, сметаме дека тоа би било катастрофално за регионалната сигурност. Исто така, сакаме Црна Гора и Србија да го забрзаат нивниот процес на пристапување кон ЕУ за да може поблиску да соработуваме со ЕУ.
Процесот треба да биде кредибилен и реверзибилен, во смисла ако една земја кандидат уназадува во однос на европската апликација. Но од друга страна, ЕУ исто така треба да си го одржи ветувањето и да не одложува“, потенцира тој.
И министерот за надворешни работи на Кипар Никос Христодулидес јавно ја изрази неговата поддршка за европската иднина на Северна Македонија.
Ние можеби сме мала држава, но на крајот на денот имаме еден глас исто како Германија, Франција и други големи земји-членки. Јас сум многу загрижен дека како Европска Унија ја губиме кредибилноста на Балканот, ние зборуваме за геополитичка Европска Унија, но споредено со другите геополиитчки актери, ние ја губиме играта. Затоа се надевам дека во следните недели ќе биде возможно да имаме позитивни вести во однос на Северна Македонија, како и регионот. Неодамна го посетив регионот заедно со Дендиас, ја изразивме нашата поддршка за европската перскпетива на Западен Балкан“, истакна Христодулидес.
На сесијата на која покрај Димитров учествуваа и министерот за надворешни работи на Кипар Никос Христодулидес и грчкиот заменик министер за ЕУ, Милтиадис Варвициотис се дискутираше за главните предизвици на малите држави во Европа во контекст на сложениот меѓународен поредок за остварување на националните цели и интереси, како и главните поуки од Ковид-19 пандемијата за ефективно делување во комплексноста на меѓународните односи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.
Македонија
Љубов или вино: што навистина славиме на 14 февруари?
Секој 14 февруари, истата ситуација – некои го препознаваат само Свети Трифун, додека други го сметаат Свети Валентин, или Денот на вљубените, за поинтересен. За други, единственото нешто што е важно е да се забавуваат на тој ден.
Најмногу профитираат трговците и угостителите, на кои не им требаше многу за да ја спојат романтиката со добро вино и да најдат начин да заработат добри пари на тој празник. Сепак, повеќето луѓе всушност знаат малку за светците кои ја предизвикале целата расправија, како и за тоа како дошло до тоа Денот на вљубените и Фестивалот на виното да „паѓаат“ на ист ден.На тој 14 февруари, има двајца светци – едниот кој има многу долга традиција и е почитуван со векови, а другиот, понов кој, преку медиумите, стана глобален феномен надвор од христијанските земји.
Може ли Свети Трифун да се заљуби, а Свети Валентин да се опие?
Прво, зборуваме за два сосема различни светци кои ги почитуваат и православната и католичката црква. Свети Трифун, како светец-заштитник на лозарите и винарите, не може да биде замена за Свети Валентин, ниту обратно. Католичката црква го слави Свети Трифун, но на 10 ноември. Од друга страна, православната црква на Свети Валентин се сеќава на 12 август. Сепак, никој тогаш дури и не помислува на Денот на вљубените, бидејќи Денот на вљубените на 14 февруари стана глобален феномен.Свети Трифун живеел во 3 век од н.е. во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудотворен дар за лекување и дека успеал да ја излечи ќерката на римскиот император Гордиј „од зол дух“. Тој ги делел богатите кралски подароци на сиромашните и живеел како скромен чувар на гуски до крајот на својот живот. За време на големиот прогон, тој одбил да се откаже од Христос, поради што бил убиен во 250 година од н.е. на овој ден. Свети Валентин живеел некаде околу тоа време. Тој го посветил својот живот на тајно женење на војници, на кои им било забрането да основаат семејство, со нивните избрани жени. Поради оваа помош на заљубените парови, Валентин бил обезглавен во 269 година.
И што да се слави денес?
Благодарение на Холивуд и добриот маркетинг, Денот на вљубените стана глобален феномен, а подарувањето бомбони, срца и други посебни подароци на саканата личност на крајот се прошири и во Србија. Сепак, има и такви кои сè уште го „препознаваат“ само Свети Трифун како празник. На која било група да припаѓате, имаме совет за вас – Прегрнете некого што го сакате… Отворете шише добро вино… И уживајте во животот.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

