Македонија
Васев: На Клиниката за онкологија набавени се нови 30 биолошки лекови
Клиниката за онкологија и радиотерапија е обезбедена со иновативните биолошки лекови за онколошките заболувања. Триесет молекули биолошка, таргетирана и имунотерапија терапија се обезбедени преку централизирана набавка за следните 2 години, изјави Нино Васев, директор на Клиниката за онкологија и радиотерапија.
Првпат пациентите со онколошки заболувања, од повеќе видови рак, за белодробен карцином, таргетирана и имунотерапија), лекови за повеќе типови рак на дојка (HER2+, хормон позитивен и хормон негативен), метастатски меланом, (BRAF позитивен и за BRAF негативен), колоректален карцином, гинеколошки малигнитети, карцином на бубрег и други, ќе се лекуваат со биолошката и таргетирана терапија.
„Онкологијата драстично се измени последните години и оваа терапија е одговор на тие промени. Иновативната биолошка, моноклонална и таргет терапија е наменета за сите пациенти кои имаат потреба од лекување со ваков тип терапија. Станува збор за 30 нови биолошки лекови кои се исклучително скапи, а успеавме да ги обезбедиме за најголемиот број пациенти кои се со хемато-онколошки малигнитети. Досега оваа терапија беше достапна само за органичен број пациенти или, пак, набавувана со прекини, сега е веќе достапна за сите пациенти на кои им е неопходна. Овие лекови делуваат така што поттикнуваат малигното заболување да се трансформира во хронично со кое пациентите ќе може да живеат како со секое друго хронично заболување. На тој начин терапијата го продолжува, но уште и го подобрува и квалитетот на животот”, истакна спец. д-р Васев.
Оваа биолошка или таканаречена иновативна терапија е дел од стандардните протоколи во европските земји, а се користи во раните фази на болеста, но и кога станува збор за понапредна фаза. Сега постојат многу прецизни дијагностички анализи, како геномското профилирање на туморите, со кои прецизно се одредува дали одреден пациентот ќе има полза од одредена таргетирана и биолошка терапија, за да може полесно да се насочи и модифицира третманот.
Воведувањето на биолошката терапија значи и заштеда на средствата од лекувањето на пациентите во странство. Во 2018 година, кога сè уште не беше воведена оваа терапија, само 1,45% од заболените почнале третман со биолошки лекови.
На Клиниката за онкологија и радиотерапија изминатава година се регистрирани 5.400 новозаболени. Кај најголем број од новодијагностицираните бил откриен рак на дојка, хематолошки и рак на бели дробови. Заболувањето најчесто е откриено во втора фаза.
Минатата година во Македонија се регистрирани 9.642 новозаболени лица со малигна неоплазма, од кои 72 деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

