Македонија
Велковски во Гевгелија: Обезбедуваме квалитетно и достапно предучилишно воспитание и образование за сите
Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски оствари работна посета на општина Гевгелија.
Заменикот Велковски изврши увид во градежните активности за доградба на детската градинка „Детска радост“, коишто се во завршна фаза. Новиот објект „Сончогледи“ ќе обезбеди дополнителен капацитет за 135 деца, овозможувајќи поголем број семејства да имаат пристап до квалитетно предучилишно воспитание и образование.
„Како родител и како човек, свесен сум за значењето на сигурна и поттикнувачка средина за децата. Горд сум што успеавме да го откочиме процесот на доизградба на објекти кои со години беа во застој. Денес, секој проект што носи подобар живот за граѓаните е наш приоритет“, истакна заменик-министерот.
За време на посетата, заменик-министерот одржа средби и со претставници на Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“, Здружението на лица со попреченост „Порака“, Здружението на слепи лица и Здружението на лица со оштетен слух и говор.
На средбите беа дискутирани предизвиците со кои овие лица се соочуваат, како и можните решенија за подобрување на условите, пристапот до помагала и унапредување на законските рамки.
„Овие искрени разговори ме мотивираат уште повеќе да работам на создавање општество каде секој човек, без разлика на своите потешкотии, ќе има можност да живее достојно и со поддршка. Не застануваме додека не изградиме инклузивна заедница која ги прифаќа и вреднува сите“, нагласи заменик-министерот.
Со оваа посета, Министерството ја потврдува својата посветеност за унапредување на условите за живот и инклузија на сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

