Македонија
Верушевски: Груевски, Грујовски и Бошкоски ги имаат одговорите за нелегалното прислушување
„Тројца луѓе по мое длабоко убедување се фокусот на креацијата на оваа документација. Тројцата се избегани од државата и врз база на таа документација добиваат третман во државите каде што се избегани“, објасни денеска Зоран Верушевски, актуелен советник за безбедност на премиерот, Зоран Заев на судењето за незаконски прислушуваните разговори, каде што се појави како сведок.
Верушевски посочи дека тројцата избегани луѓе се: екс-премиерот, Никола Груевски, за кој смета дека требало да биде првообвинет во овој предмет, началникот на Петтата управа Горан Грујовски и Никола Бошкоски, за кого рече дека не го познава, но смета дека и тој носи голем товар на вина, посебно поради објавувањето на приватни разговори на граѓаните.
Голем предизвик и за власта и за опозицијата е да се дојде до документација која ќе им донесе предност во политичкиот живот, рече Верушевски. Опозицијата се стреми да пронајде силни аргументи за слабоста на власта, а власта настојува да ја ослаби опозицијата и да ја зацврсти својата позиција, објасни и нагласи дека прислушувањето е креирано и измислено од тој што имал најголем бенефит. Тој посочи дека Никола Груевски, кој според него треба да е првообвинет во случајот, имал патолошка желба да ја задржи власта, повеќе од 10 години.
Верушевски пред судот рече дека ако опремата била задржана, а не уништена, многу лесно низ вештачење ќе се дошло до вистината за овој случај.
Тој рече дека СЈО поседува само мал дел од документацијата која што им е на располагање на тројцата пребегани и само „Господ знае со што се располагаат тие“.
Верушевски објасни на што мислел кога минатото рочиште рече дека по неговото приведување во случајот „Пуч“, доставените документи доживеале страотна модификација и компромитација.
„Базичната документација, нејзиниот обем и нејзината целосна структура беше во рацете на луѓето кои сега се во бегство во Грција и Унгарија“, рече Верушевски, алудирајќи на тоа дека од нивен интерес е да ја користат документацијата за свои цели оти на странците не им биле важни информации за „приходите од овоштараството“ или податоци за туризмот туку ги интересирала стабилноста на домашните институции.
На денешното судење требаше Зоран Верушевски вкрстено да се испитува од страна на обвинетите, но на почетокот на судењето, одбраната се изјасни дека нема прашања за сведокот. Поради правилно утврдување на фактичката состојба, откако немаше интерес за вкрстеното испитување, прашања на сведокот, му поставуваа обвинителите.
Обвинителката, Ленче Ристoска го замоли сведокот да појасни од кои лица ги добивал информациите и во каква форма биле. Верушевски објасни дека кон крајот на 2010 постоеле сознанија и соодветни докази кои укажувале на ограничување на демократските капацитети на власта, како и сомневања за постоење на ограничена комуникација насочена кон опозицијата.
„Информациите доаѓаа од повеќе извори и јас ја имав приликата таа документација да ја обработувам. Во комуникација со изворите и информациите се потврдија сомневањата за грубата повреда на слободата на говор, слободата на комуникација и човековите права и слободи, посебно во делот на политичкото живеење“, рече Верушевски.
Ристоска некоупати се обиде да праша во каква форма ги добивал документите Верушевски и на што биле снимени, но единствениот негов одговор беше дека документацијата била дигитален запис, односно во иста форма во која била предадена во СЈО.
За тоа колку луѓе учествуваа во правење на ваквите анализи на документите Верушевски рече дека каратктерот на содржината на анализите наложувал одговорност на едно лице – негова и на претседателот на партијата.
„Лидерот таквите информации ги задржува за себе и самиот одлучува кога и на кој начин да ги употреби“, објасни Верушевски.
Анализите според него биле мисловен процес за кој било изузорно да се фокусира на одредена локација оти е невозможно да се лоцира кога почнува мисловниот процес.
На прашањето од обвинителката дали има сознанија за изнесување на документацијата од партијата Верушевски одговори дека сведокот нема својство на истражител ниту може да знае дали, кога и кој нешто направил.
За незаконското прислушување во предметот „Таргет – Тврдина“ се обвинети поранешниот директор на УБК Сашо Мијлаков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, тогашниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработените во УБК, Никола Бошкоски, Маријан Шумуликоски, Силвана Златкова, Васил Исаковски, Валентина Симоновска и Надица Николиќ. Грујевски и Бошокоски избегаа во Грција и нив им се суди во отсуство.
Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 години незаконски биле прислушувани над 20.000 граѓани со следење на 4286 телефонски броеви без судски наредби. Предметот е во доказна постапка.
Следното судење е закажано за 24 октомври, кога треба да сведочи премиерот, Зоран Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

