Македонија
Вештакот се разболел, „Ласкарци“ пак се одложи; Роднините на загинатите: Ова е смислено сценарио, судот продолжува со игрите
Вештакот Зеќирија Зеќири, кој се потпиша зад супер вештачењето изработеното од Бирото за судски вештачења, а за случајот „Ласкарци“, не се појави на денешното рочиште.
Отсуството не го оправдал со документација, туку со зборови кажувајќи дека е болен. Обвинителот Дарко Јакимовски се сомневаше дека тоа е причината, а бурни реакции имаше и од страна на роднините и родителите на загинатите лица во сообраќајната несреќа пред четири години.
Благојче Трпески, родител на Јовица Трпевски, пред судот посочи дека од вселената се гледа дека ова е смислено сценарио.
„Она од што се плашевме и сомневавме денеска се реализира. Од вселената се гледа дека ова е смислено сценарио од вештите лица. Вештото лице, т.н. доктор на науки, преку ноќ се разболе, без да приложи документација и доказ до судот, иако според законот, уредно покането лице, кое и да било, треба да го оправда отсуството. Судот продолжува со игрите, одолжување на процесот, одлагање на рочиштето. Одбраната се повикува дека и други лица можеле да вештачат, но пак ќе кажам – ова што се случува е резил и срамота за судството и за сè друго што се случува во процесот. На 13 февруари 2023 година се одбележува четврта година од несреќата. За пет дена се навршуваат четири полни години. Зарем може преку ноќ да се разболи човек и без оправдување да не дојде на рочиште?“, праша Благојче Трпески, родител на Јовица Трпевски.
Следното судење е в четврток, а родителите и роднините се надеваат дека вештакот Зеќири ќе оздрави.
Трпевски посочува: „Тој не знае да одговори на најосновни прашања“.
„Се надеваме дека вештото лице ќе биде присутно на судењето. Се сомневаме дека се прават игри. На изминатите рочишта ова вешто лице покажа дека нема ‘благе везе’ со предметот. На најосновни прашања од Обвинителството не знае да одговори, самите бевте сведоци. Никогаш во животот немал ваков предмет за вештачење. Две години има лиценца, не знае да чита типографски ленти. Како да веруваме дека тоа вештачење е професионално? Се купува време со недоаѓањето, а тој да не биде испрашуван“, додаде Трпевски.
Судијката Дијана Груевска-Илиевска рече дека ќе бара документација за тоа каде вештакот правел испитување. Ако вештакот Зеќирија Зеќири не дојде на наредното рочиште, ќе се испитува некој од другите вештаци потпишани на супер вештачењето.
По предметот се постапува четири години. Една година се чекаше и супер вештачење нарачано од судот. Имаше и реакции за начинот на кој се испитуваат вештаци, односно на начинот на кој се даваат одговори. Коалицијата „Сите за правично судење“, која прави судски мониторинг, реагира дека, наместо одговор да дава Зеќири, во хор се објаснувало вештачењето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

