Македонија
Вељаноски за „Монструм“: Премолчував долго време, а тоа не беше воопшто лесно
Трајко Вељаноски по рочиштето за предметот „Монструм“, каде се споменуваше неговото име, посочува дека долго време бил цел на планирани и оркестрирани напади, базирани на лаги и измислувања. Тој преку статус на социјалните мрежи вели дека Македонија е поле каде неморалните, лажливците и луѓето без етика, изминативе неколку години успевале најмногу.
„Долги години одредени параструктури протураа кажуваа лага дека сум бил некако замешан во случајот ‘Монструм’. Ми беше тешко да молчам, но знаев и верував дека еден ден сè ќе стане јасно и ќе биде чисто дека тоа беше конструирана лага за мое лично оцрнување. Нападот против мене е ништо и е незначајно во споредба со болката на семејствата на петте прерано згаснати млади животи. Одлуката некој да си поигрува со нивните судбини и чувства е тешко бреме кое ќе остане до крајот на животот. Не посакувам на никого да ги преживува лагите и нападите што јас ги преживеав со оваа ниска и гнасна конструкција. Луѓето што ја смислиле и пласирале со години немаат морал. Денес кога сè е јасно, јас само ќе им порачам да им стои на чест и совест. Ако имаат чест и совест, нема да им е лесно засекогаш“, пишува Вељаноски.
Името на Вељаноски на рочиштето за „Монструм“ беше првпат споменато од таткото на едно од убиените момчиња, Горан Наќевски. Тој го праша доскорешниот премиер Зоран Заев дали мајките, кога биле на состанок кај него, го прашале за вмешаност на Вељаноски во убиството и што им одговорил тој.
„Не се сеќавам точно на разговорите со мајките на децата убиени кај Смилковското Eзеро. Ако сум кажал таква работа, тоа било бидејќи доаѓале секакви информации. Поставувавте секакви прашања кои мислевте дека ќе ве доведат до вистината. Искрено, без какви bilo обиди за манипулација или какви bilo скриени намери, секогаш сум ги давал одговорите пред вас и пред јавноста. Овде ќе напоменам дека во период кога беше јасно дека поседувам сериозни докази за неовластено прислушкување сум можел да користам секаков вид интригантни изјави од кој било карактер и кој било случај за какви било интереси – но тоа никогаш не сум го направил. Не се сеќавам на прашањето за Трајко Вељаноски. Но, ако ме прашате дали имам докази против него – не сум видел и немам никакви докази против него, освен неточни писанија кои сум ги видел во медиумите од квази-новинари”, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре врнежи од дожд а на планините снег
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 25 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во понеделник во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец.
Во Скопје, од утре од попладневните часови до недела ќе има повремени врнежи од дожд, со услови за појава на грмежи. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец. Во вторник се очекуваат нови врнежи од дожд, кои на повисоките делови од котлината ќе преминуваат во снег.
Македонија
Ѓорѓиевски: Започна реконструкцијата на улицата ,,Лазар Трповски” во Чаир
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски заедно со градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, го означија почетокот на реконструкцијата на улица „Лазар Трповски“, една од најзначајните сообраќајни артерии во овој дел од градот. Овој проект е клучен за обезбедување поголема безбедност, ред и ново достоинство за граѓаните на Чаир, посочуваат од Град Скопје.
„Станува збор за целосна реконструкција со нов асфалт на двете коловозни ленти, изградба на стандардизирани тротоари, велосипедски патеки од двете страни, уредени паркинг-простори и современ систем за јавно осветлување. Со ова се става безбедноста на прво место за сите учесници во сообраќајот, вклучително возачи, пешаци и велосипедисти. Улицата „Лазар Трповски“, која во минатото беше позната како критична точка за сообраќајни незгоди, добива инфраструктура по европски стандарди која обезбедува јасна сигнализација, подобрена прегледност и функционални решенија што одговараат на реалните потреби на граѓаните.
Градот Скопје продолжува со инфраструктурните инвестиции и до крајот на годината ќе започне постапката за целосна реконструкција и проширување на булеварот „Цветан Димов“, кој секојдневно го користат повеќе од 100.000 граѓани и кој поврзува неколку скопски општини. Овој проект ќе овозможи трајно решение за метежот и небезбедноста, ставајќи крај на долгогодишниот сообраќаен хаос на оваа делница“.
Македонија
Манасиевски: Обвинителката Кадриу сведочи дека Филипче немал ниту елаборат за струја за модуларната болница во Тетово
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција изјави дека, според сведоштвото на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, поранешниот министер за здравство Венко Филипче ја составувал техничката спецификација за модуларната болница во Тетово, без да изготви елаборат за електрична енергија, а трагичниот пожар можел да биде спречен.
„Кадриу потврдува дека работата е забошотена. Таа била повикана вечерта на трагедијата да учествува во истрагата, а потоа дошол и Јовевски со свои обвинители, за кои таа вели дека имале обврска да ја држат истрагата под контрола“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека, според Кадриу, модуларните болници биле изградени од панели со пурпена кои чинеле 5–6 евра по метар, додека пожароотпорните панели со камена волна чинеле околу 17 евра.
„Сите модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, а за нив биле обезбедени 30 милиони евра од Светската банка. Каде се тие пари – нема одговор. Можеби се наоѓаат во некоја акција во индиска авиокомпанија, стан во Дубаи или фирма во Бугарија“, изјави Манасиевски.
Тој истакна дека трагедијата со 14 загинати во Тетово можела да биде избегната.
„За жал, трагедијата во Тетово во која загинаа 14 наши сограѓани, можела да биде и спречена доколку Филипче потпишал минимум технички спецификации и ако направил елаборат за електрична енергија, со кои не би дошло до спој во електричната енергија и доколку панелите биле малку поскапи и подобри, можеби и ќе се избегнел пожарот. Но, Филипче по се изгледа алчен за парите, искористил минимум од обезбедените средства. Згора на се, ова можеби би било спречено и доколку Филипче ја прифател понудата на тогашниот медицински директор во тетовската болница, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата кои биле слободни во истоимената болница каде тие биле оставени така празни. Филипче ова го одбил поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени“, рече Манасиевски.
Во изјавата, Манасиевски тврди дека вистинските виновници не се зад решетки, а дека „оние кои нуделе други решенија сега се осудени само на три години“.
„Вистинскиот виновник денес води политичка партија во опозиција“, заврши тој, најавувајќи нови информации утре, вклучително и околу тоа зошто обвинителката Кадриу била суспендирана.

