Македонија
(Видео) Ковачевски: Еднаквите можности и инклузијата на лицата со попреченост приоритет на оваа Влада

Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на настан по повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. На настанот се промовира нацрт-стратегијата за правата на лицата со попреченост 2023-2030 година, кој се изработи во организација на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лица со попреченост и Министерството за труд и социјална политика, а со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).
„Кога инвестираме во стратегии и политики, на повеќе нивоа ја докажуваме нашата борба против стигмата, против дискриминацијата и сме потсетник и инспирација за секој поединец дека лицата со попреченост ги имаат сите права како секој граѓанин и секое дете, како секој млад човек на оваа држава. Оваа Влада уште од самиот почеток се залага на преземање конкретни мерки како би се зголемила и подобрила интеграцијата на лицата со попреченост во сите аспекти на општеството-политички, социјален, економски, културен живот“, рече Ковачевски.
„Во мое име и во име на Владата сакам да изразам голема благодарност за искажаната подготвеност на Германското друштво за меѓународна соработка и на тимот на агенциите на Обединетите Нации за поддршката на овој исклучително значаен системски процес за изработка на овој документ, со кој се унапредуваат правата на лицата со попреченост во Северна Македонија преку широка соработка со организациите на лица со попреченост и државните надлежни институции“, порача премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Итни и вонредни надзори во приватните болници по информациите дека се правеле операции за профит

Министерството за здравство најави итни и вонредни надзори во приватните болници по информациите што излегоа во јавноста дека се правеле операции за профит.
„Врз основа на информациите што се споделени во јавноста, Министерството за здравство веќе се координира за проверка на тврдењата како и спроведување на итни и вонредни надзори со цел добивање на целосната слика. Дополнително, министерот Азир Алиу веќе најави дека комплетната дигитализација на здравствениот сектор ја опфаќа и двонасочната размена на информациите меѓу јавните и приватните здравствени установи преку системот Мој Термин – само тогаш ќе имаме јасна слика и за евентуалните злоупотреби на системот и на финансиските средства“, велат од Министерството откако во јавноста се појавија сериозни тврдења за можни непотребни медицински интервенции.
Од Министерството велат дека во здравството постојат јасно утврдени професионални стандарди, протоколи и законски постапки, како и компетентни тела надлежни за нивна примена и почитувањето на професионалниот интегритет на здравствените работници е задолжително, исто како и почитта кон правата на пациентите.
„Одлуките за лекување се темелат на клинички индикации, но и на право на второ стручно мислење. Пациентите треба да се чувствуваат охрабрени да поставуваат прашања, да бараат појаснувања и доколку имаат дилема, да побараат второ мислење — тоа е дел од добрата медицинска практика“, велат од Министерството.
Од таму истакнуваат дека здравствениот систем се заснова на доверба и затоа секоја јавна комуникација треба да биде одмерена и заснована на проверливи информации, без шпекулации и без поистоветување на поединечни случаи со целиот систем.
„Секако дека секој има право на свое мислење, а посебно ако тоа е поткрепено со аргументирани факти но исто така сметаме дека потребно е да се избегнуваат изјави кои водат до генерализации и сензационализам“, велат од Министерството.
Ваквата реакција од Здравство доаѓа откако неколку медиуми пренесоа изјава на кардиологот Сашко Кедев дека се прават непотребни хируршки интервенции врз пациенти, чија цел е профитот.
Фото: ЕПА
Македонија
Утре, сончево и топло време со мала локална облачност

Времето утре ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната ќе достигне од 30 до 37 степени, информира УХМР.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 36 степени.
В петок и в сабота во западните и во северните делови ќе има услови за повремен локален дожд и појава на ретки грмежи. В петок ќе дува засилен, повремено силен ветер од западен и југозападен правец.
За време на викендот ветерот ќе го смени правецот во северен со умерен, по должината на Повардарието повремено засилен интензитет, а температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
ДОМ: Новиот нацрт-закон за Рударство е директна закана за здравјето на луѓето

Зелената партија ДОМ категорично го отфрла новиот нацрт-закон за Рударство предложен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Наместо да поставува линии за стратешки развој, според ДОМ, овој закон е директна закана за животната средина, здравјето на граѓаните и демократските принципи на одлучување.
ДОМ цени дека ова законско решение силно ја централизира моќта во Владата, дозволувајќи ѝ да прогласува минерали за „стратешки“ без јавна дебата и учество на граѓаните и граѓанките.
„Спорна е и можноста за дозволување на концесии до 60 години, како и овозможување на експропријација на приватно земјиште, што ќе претставува правна основа за удар врз имотните права. Со предложените одредби ќе се врши и привилегирање на државни и странски компании, без спроведување на јавен повик. Особено загрижува воведување на можност за користење на опасни технологии во постојните рудници, како и признавањето на загадување, но не и понуда на механизми за превенција. ДОМ оценува дека моделот на „управување со ризик“, не преставува правен механизам за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните и граѓанките“, велат од ДОМ.
Според партијата, ова законско решение не е во јавен интерес, туку истото е насочено и дизајнирано за задоволување на корпоративни структури и финансиски интереси, притоа создавајќи остри ризици за здравјето на идните генерации, распродавајќи ја земјата и претворајќи го природното богатство во профит за малкумина.
ДОМ порачува дека Македонија не е ничија лична сопственост и апелира до граѓаните и граѓанките активно да се вклучат во јавната расправа за која преостануваат уште девет дена.