Македонија
(Видео) Аеродромци ја изгубија битката, зградата, наместо паркинг, продолжува да се гради од петок
По тримесечен застој, од петок продолжува изградбата на зградата во Реонскиот центар Аеродром на парцелата на која станарите бараа изградба на паркинг. Градежни активности нема од ноември минатата година, па станарите се надеваа дека сепак некој ги слушнал нивните барања, но од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП) велат дека нивното барање не е причина за прекинот на градењето.
„Изведувачот ќе продолжи со изградбата на станбениот објект на 1.2.2019 година. Изведбата е во застој поради појава на стари бетонски темели и греди. Станува збор за габаритен градежен шут, кој во минатото бил донесен на оваа парцела и расфрлeн под почвата“, изјавија од АДСДП за „Макфакс“.
Ова беше втор прекин на градењето кое почна во март минатата година, но станарите се побунија, побараа средби со градоначалникот на Аеродром и со директорот на АДСДП, а изградбата беше запрена. По неуспешните преговори просторот да се намени во паркинг, во ноември лани багерите ударнички се вратија во Реонскиот центар Аеродром, но набргу повторно сопреа со градење.
„Ископаа јама и ја баталија. Наидоа на армиран бетон во темелите што ги копаат. Со денови го кршеа, дупчеа со хилти и одеднаш си заминаа. Нема чувар на градилиштето, па влегуваа деца, палеа огнови, оградата неколкупати паѓаше, па ја поправаа, ни оставија чир среде населбата“, се пожалија жителите од околните згради, кои поради страв од реваншизам, не сакаат да зборуваат во камера.
Од АДСДП велат дека задолжен за безбедноста на градилиштето е изведувачот „Декон ком“ во согласност со договорот со нив, но велат дека и тие веднаш реагирале по дојавата дека оградата е турната по што повторно била поставена.
И од Општина Аеродром, повикувајќи се на веќе издаденото одобрение за градење, се правдаа дека не може на местото на зградата да се изгради паркинг како што бараат жителите. Од Општината рекоа и дека сегашниот градоначалник никогаш не ветил дека ќе се залага на парцелата да се изгради паркинг наспроти тврдењата на жителите, кои рекоа дека Златко Марин, убедувајќи ги да гласаат за него, ветил дека зграда нема да се гради.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман улица 5, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Претежно облачно и тивко, максималната температура до 17 степени
Времето денеска ќе биде прeтежно облачно. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен во четврток кога ќе има услови за слаб локален дожд. Во четврток и петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.

