Македонија
(Видео) Андоновски: Заради бизнис-интереси, Шилегов сака да го уништи најголемиот спортски храм
Петре Шилегов, со регулацискиот план кој го донел за овој дел од Скопје, сака да уништи имот вреден повеќе милиони евра кој е во сопственост на Република Македонија и е даден на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за спорт и рекреација, соопшти на денешната прес-конференција Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Според информациите од архитектите, улицата која Шилегов планира да ја гради е со енормен профил, односно со ширина од 20 м, исто како и повеќето булевари во Скопје. Како што призна и Шилегов во своето соопштение, со лага дека сега можеби нема да ја градат, улицата се планира да поминува директно низ картинг-центарот и тениските терени, како и терасата на базенот во склоп на СЦБТ. Со оваа улица ќе се уништат повеќе од 10.000 метри квадратни корисна површина која се употребува за спорт. Се уништуваат терените, урбаната опрема, картинг-центарот и терасата на базенот. Со планот, Шилегов се обидува да направи и пренамена на она што ќе остане од тениските терени и картинг-центарот, кој сега станува простор за домување, а намената на арената и базенот од ‘Борис Трајковски’ кои стануваат деловни објекти“, рече Андоновски.
Очигледен е планот со огромните згради и улици наместо спорт во Скопје да добиеме нова бетонска џунгла, вели тој.
„Заради бизнис-интереси, Петре Шилегов со помош на Стефан Богоев сакаат да го уништат најголемиот спортски храм во Македонија. Заради бизнис-партнерите на фамилијата на власт, Шилегов има за цел да изгради огромни згради во непосредна близина на спортскиот центар, а деловите од центарот да му служат само како сервисен пристап. Преку 500 дечиња ќе останат без спорт. Тренерите ќе останат без терени за работа. Автомобилистите без картинг-центар. Сите ние скопјани ќе останеме без најубавите спомени од базенот и терасата, без тенисот и без картингот во ‘Борис Трајковски’ нема да има спорт“, додаде Андоновски.
Повика, како што и самиот рече, на будност.
„Општина Карпош во ек на одмори, среде август и пред избори, закажа јавна презентација и јавен увид мислејќи дека ова ќе помине незабележано од скопјани. Дека на мала врата ќе успеат да протнат бетонизација на ‘Борис Трајковски’. Затоа, утре, петок, во 13 часот, да појдеме во општина Карпош и да го спречиме донесувањето на овој план со кој се уништува најспортскиот дел од Скопје. Ваков ДУП не смее да се донесе за Карпош! Според информациите, на социјалните мрежи започна петиција од неформалното движење за заштита на Спортскиот центар ‘Борис Трајковски’ која ќе биде доставена до сите надлежни. Ве повикувам масовно да ја потпишеме!“, кажа членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Со случајот за Артан Груби се режира циркус, сè е однапред договорено
СДСМ со остра реакција оценува дека случајот со куќниот притвор на Артан Груби се претворил во, како што наведуваат, „циркус пред очите на целата јавност“, тврдејќи дека одлуките на институциите се дел од однапред договорено сценарио.
Од партијата обвинуваат дека Обвинителството, кое според нив е под контрола на премиерот Христијан Мицкоски, ја оправдувало одлуката за куќен притвор со наводна безбедносна проценка од Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност.
„Само неколку часа подоцна, директорот на затворот ‘Шутка’, кадар на ВМРО-ОКГ, го демантираше Обвинителството, тврдејќи дека ниту АНБ ниту МВР воопшто не извршиле безбедносна проценка“, наведуваат од СДСМ.
Партијата посочува дека премиерот Мицкоски во телевизиско гостување изјавил дека станува збор за класифицирани информации кои не можат јавно да се соопштат, додека, како што велат, сега се појавуваат тврдења дека „странски служби“ уште пред една година доставиле предупредувања, а формална безбедносна проценка од АНБ и МВР не била изготвена.
„Кои се тие странски служби? И ако нема безбедносна проценка од АНБ и МВР, врз основа на што Обвинителството донело одлука за куќен притвор? Ако нема проценка, како тогаш се тврди дека била класифицирана?“, прашуваат од СДСМ.
Според опозициската партија, контрадикторните изјави околу постоењето на безбедносна проценка – дека имало, па немало, дека била доверлива, па дека не постоела – претставуваат дополнителна потврда дека случајот е однапред договорен и режиран.
Од СДСМ оценуваат дека целата ситуација го нарушува кредибилитетот на институциите и ја продлабочува недовербата во правосудниот систем, барајќи целосна транспарентност и јасни одговори за основот врз кој е донесена одлуката за куќен притвор.
Македонија
Македонските државјани кои се наоѓаат во Израел да побараат помош, воздушниот сообраќај е затворен за цивилни летови
Во врска со последните информации за влошената безбедносна состојба во Израел, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава внимателно да ги следат официјалните национални портали за итни случаи и строго да постапуваат во согласност со упатствата на надлежните институции.
-Истовремено, апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба.
Согласно информациите добиени од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, воздушниот простор над Израел е затворен за цивилни летови до понатамошно известување. Сите комерцијални влезни и излезни летови се суспендирани, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај, се соопштува утрово на фејсбук-страницата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
МНРиНТ ги потсетува нашите државјани дека во случај на потреба од помош може да се обратат на следните контакти:
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив:
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546
Е-пошта: [email protected]
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: [email protected]
-Министерството преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој, наведува Министерството.
По влошувањето на безбедносната состојба во Израел и регионот, важно известување на својата фејсбук-страница утрово објави и Амбасадата на Северна во Израел, која ги повикува македонските граѓани кои во моментов се во Израел строго да ги следат упатствата издадени од Командата на израелскиот домашен фронт.
-На граѓаните им се препорачува: Да останат во или во близина на заштитен простор (засолниште, безбедна соба или друга одобрена заштитена зона); да се осигураат дека го знаат најблискиот заштитен простор; да ги чуваат основните залихи лесно достапни, вклучувајќи вода, храна, лекови, комплет за прва помош, фенерче, полнети мобилни телефони, да ги следат официјалните ажурирања и известувањата во реално време преку веб-страницата на Командата на домашен фронт (https://www.oref.org.il/eng), мобилната апликација и локалните медиуми. Веднаш да влезат во заштитените простори по добивањето известување и да останат таму додека официјалните упатства не покажат дека е безбедно да се напушти. За граѓаните кои планираат да патуваат до/да го напуштат Израел, летовите моментално се откажани до понатамошно известување. Препорачуваме внимателно да ги следите ажурирањата од авиокомпаниите и надлежните органи, се наведува во апелот од нашата амбасада во Тел Авив.
За каква било помош или итни прашања, достапни се броевите на Амбасадата: +972 54 500 8566 и +972 54 967 0546
-Амбасадата продолжува внимателно да ја следи ситуацијата и ќе обезбеди дополнителни информации доколку е потребно, се наведува во известувањето.
Македонија
На Попова Шапка има снежна покривка од 83 сантиметри
Најстудено утрово е во Прилеп со измерени 3 степени под нулата. Минусни температури има и во Крива Паланка, Берово и Mаврови Анови (-2 степена), и -1 степен на Попова Шапка и во Битола.
Како што соопшти УХМР, 0 степени се измерени во Тетово, Штип, Kрушево и Претор, 1 во Скопје – Петровец Охрид, Кавадарци и Виница, 2 степена во Скопје Зајчев Рид, Велес и Демир Капија, 4 во Струмица и 8 степени во Гевгелија.
На Попова Шапка има снежна покривка од 83 сантиметри.
Според прогнозата на УХМР, претпладне по одделни котлини ќе има ниска облачност или појава на магла. Во текот на денот насекаде ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 15 степени.
Во Скопје претпладне ќе има ниска облачност, а во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Максималната температура ќе достигне 14 степени.

