Македонија
(Видео) Арсовски: Владата денес повторни ги манипулира компаниите со новата мерки
Со внимание ја анализиравме мерката на Владата која беше навестена уште пред две недели за помош на бизнисите со минимална плата. Она што можеме да го соопштиме е дека мерката која помпезно беше најавувана е недоволна и претставува измама и привид дека нешто се помага во ситуација кога нема да претставува помош за компаниите. Впрочем, тоа го говорат и самите менаџменти и сопственици на компаниите, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Мерката е рестриктивна и е далеку од доволна за помош за компаниите за да ги задржат сите вработени на своите работни места. Жалиме што владата остана глува на барањата на стопанството, како што впрочем е ситуацијата и за сè останато.
Еве сега да објасниме зошто мерката што денеска владата ја најави не е доволна.
Оливер Спасовски денес им порача на компаниите дека никој нема да им ги покрие загубите за месец март. Со мерката не се покриваат трошоците и загубите направени во месец март, бидејќи истата се однесува единствено на април и мај. Владата доцни дури 20 дена со оваа мерка и свесно ја промовираат на 2 април. Но загубите на компаниите се остварени и сè уште седат и никој не ги споменува загубите за месец март.
Второ, само мал број компании ќе го искористат полниот износ од 14.500 денари, затоа што мерката се врзува со бројот на работните часови на вработените, односно ефективни работни часови како што ги говорат. Ова веќе го обзнанивме, ова го знаат и компаниите, но Владата сè уште не го демантираше.
Имајќи предвид дека вонредната состојба ќе трае до средината на месец април, а најверојатно, како што стојат работите, за жал, ќе биде продолжено уште за еден месец, дури до средината на мај и повеќе имајќи ги предвид анализите и искуствата од другите држави кои дури сега го достигнуваат пикот на кризата со Ковид-19. Тоа значи дека вработените ќе имаат нула ефективни работни часови во месец април, а сепак најверојатно и во месец мај, што уште повеќе ги продлабочува кризата, загубата и пропаста на компаниите, стопанството и економијата во Република Македонија. Или поедноставно за да разберат вработените во приватниот сектор и граѓаните, тоа значи дека компаниите за коишто работат овие вработени со нула ефективни работни часови во месец април не ќе можат воопшто да ја користат оваа поддршка од 14.500 денари. Истото ова може да се случи и за месец мај, кој најверојатно повторно ќе се наоѓаме како држава а и компаниите во истата ситуација како и во месец април.
Трето, Зоран Заев прво ги убедуваше сите дека „Економијата блеска, а резултатите се за поклонување“. Ги охрабри компаниите да имаат развојни планови, а сега оваа мерка нема да важи за компаниите кои исплатиле награди и девиденда на своите вработени во периодот кој Зоран Заев го оценува дека ние како економија и држава сме блескале.
Четврто, треба да се знае дека сите оние компании коишто веќе се корисници на мерките преку Агенцијата за вработување нема да можат да ги искористат овие 14.500 денари. Со што дополнително се крати кругот на корисници на мерката. Значи, сите оние мали компании кои сè уште се во развој со по неколку вработени, со овие мерки на Владата се осудени на пропаст.
Петто, дадена е опција или 14.500 за минимална плата или половина средства за придонесите. Со оваа опција ќе се помогне вистински само на оние со најголеми приходи во државата и со најголеми плати, а ништо за оние кои навистина им треба помош во реалниот сектор.
Затоа предложивме до Владата субвенционирањето за одржување на ликвидноста преку исплатата на бруто-плата на работниците во компаниите за месеците март, април и мај 2020 година во износ од најмногу 50% од месечната бруто-плата по работник.
Висината на месечната субвенција по работник може да изнесува максимум до висината на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во декември 2019 година. Односно предлагаме државата да ги помогне компаниите со пакет мерки од 26.800 денари“, заклучи Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

