Македонија
(Видео) Арсовски: Зечевиќ од адвокатски услуги инкасирал над 30.000 евра, и тоа од три општини со кои раководел СДСМ
Адвокатурата излезе најисплатлива професија во СДСМ. По адвокатското друштво „Калеска-Ванчева“, кое инкасирало 55.000 евра од адвокатски услуги, сега го имаме и вториот адвокат што со лесни пари од СДСМ ги заработи, без многу да се помачи, а пред еден месец стана и втор човек во партијата на власт, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, од адвокатски услуги од 2019 до 2021 година има инкасирано над 30.000 евра, и тоа само од 3 општини со кои раководеле кадри на СДСМ.
Општина Неготино, Општина Пробиштип и Град Скопје, додека биле под водство на СДСМ, за 2 години му овозможиле и му дозволиле на генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, како адвокат да инкасира над 30.000 евра. Само од три општини заработил толку. Којзнае уште колку пари зело неговото адвокатско друштво од други институции и јавни претпријатија? Дали има еден просечен адвокат во Република Македонија без партиски повластувања кој заработува вакви лесни пари како што заработиле Миле Зечевиќ и Калеска-Ванчева?
И кога ќе размислите вака, зошто не прекинува и се шири грабањето на државните пари од сите ешалони на СДСМ, функционерски ешалони, одговорот е многу јасен – го гледаат врвот и продолжуваат надолу сите други“, рече Арсовски.
И за тоа, според него, секојдневно има афера до афера, која, како што вели, за жал, не завршува кон граѓаните оправдано затоа што оваа власт ги има правосудните органи под себе.
СДСМ и нивните функционери, како Зечевиќ, Калеска-Ванчева и другите, ги интересира власта единствено за личен бенефит, порача Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

