Македонија
(Видео) Арсовски: Измамник и пазарџија како Заев ниту имало, ниту ќе има
Крајно време е да си заминат Зоран Заев и СДСМ од политичката сцена во Република Македонија. Крајно време е, конечно барем еднаш во животот Зоран Заев да си го одржи ветувањето да се соочи со реалноста дека граѓаните повеќе не го сакаат и да си даде оставкаи да си замине од функциите, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на денешната прес-конференција.
„Ваков образ ѓон, вакво несериозно дилетантско однесување, ваква пазарџиско-мафијашка политика, ваква мизерна и ништожна појава како Зоран Заев одамна не е видена, ниту, пак, ќе биде видена во иднина. Ваков лажго, измамник и манипулатор на сопствениот народ и сопствената држава, верувајте граѓани еднаш се раѓа.
Тој вети дека ќе си оди од политиката ако ги изгуби изборите, а ги изгуби со 100.000 разлика и повторно не си даде оставка. Образ ѓон. Киднапираше пратеник за да не гласа против неговата Влада како во најмафијашките филмови и молчи 4 дена како да тоа е најнормално. Срам нула. Им изгореа нему и на Венко Филипче 14 граѓани на Република Македонија во тетовската модуларна болница, се ветија оставки, се вети истрага, ниту има истрага, ниту се поднесоа оставки, ниту, пак, некој сноси одговорност и одговараше. Одговорност нула како и сè останато“, истакна Арсовски.
Тој ја обвини власта за проневера на милијарди евра во тендери, поднесени стотина кривични пријави од најразлични граѓани, политички партии, невладини институции до нивните директори и функционери од СДСМ коишто ја водат Владата и сите, како што рече, стојат по фиоки во обвинителството заради спрегата меѓу Заев и правосудството.
„Одговорност нула и замислете сè уште истите тие не крадат нас граѓаните. Шверцуваат дрога кај стигнат луѓе од МВР блиски до Оливер Спасовски и до Зоран Заев, вмешани плус луѓе кои што се беа сомничени од семејството на Зоран Заев, и повторно одговорност нула.
Крадат преку МВР, крадат преку образование, крадат преку институциите, крадат преку министерство за здравство, крадат од кај стигнат. Единствено што страдаат се граѓаните, а СДСМ се богати на нивниот грб.
Затоа, измамникот, лажгото и премиерот во заминување Зоран Заев, треба што побрзо да си даде оставка и да ја ослободи државата, да ги спаси граѓаните и да ја спаси Република Македонија од пропаст“, порача Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

