Македонија
(Видео) Арсовски: Иновација за Коста Петров е набавка на дрон од 35.000 евра
Срамно е што СДСМ и Фондот за криминални иновации молчат една недела за скандалозните проекти кои ги поддржале, грото 40.000 евра по проект, а уште посрамно е што делеле пари за рецепти за јадење и станале како списание за гурмани, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„ Целиот конкурс е поврзан со рецепти за јадење, за храна, некакви си рецепти кои ги сметаат за иновации и дебело ги плаќаат, голем дел од проектите се поделени по блиски луѓе на СДСМ и за сето тоа по 40тина илјади евра од проект плаќаат граѓаните токму за Фондот за криминални иновации. На пример, јавноста никогаш, ама баш никогаш не би замислила дека иновација во светот, но и овој конкурс во Република Македонија е набавка на дрон, замислете набавка на дрон е иновација, за да надлетува земјоделски посеви и за тоа фондот за криминални иновации плаќа 35.000 евра. Нема ништо иновативно да отиде некоја фирма со пари и да си купи дрон. Такви дронови постојат и постојат многу одамна. Не е ништо измислено.
Јас се уште се чудам, како може да е иновација набавка на дрон, а се уште да не дознал сопругот на Мила Царовска да не аплицирал или уште подиректно прашање, како ова е иновација што чини 35.000 евра, кога фамилија Царовски надлетување со дрон за вегетација веќе имаше склучено договор во Град Скопје за многу поголеми суми?“ рече Арсовски.
Според него, наместо поддршка на научници, од Фондот поддржувале партиски функционери на СДСМ како Миле Милановиќ и Рубинчо Зарески.
„ Затоа, денес ги повикувам институциите, нормално доколку не се плашат и доколку не се во истата шема со СДСМ за испумпување пари од државата, да ги ревидираат тие спорни проекти, да отворат случаеви и тие што се во ред како проекти, каде што навистина има простор и треба да се поддржи некој проект, во ред, да се поддржи и да се потпишат, но тие што се спорни и што се за испумпување на пари од граѓаните веднаш да се исфрлат, а Фондот за криминални иновации и сите таму вмешани да сносат одговорност! Од Фонд за иновации направија дувло за испумпување пари на граѓаните и Фонд за криминални иновации“ порача Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.

