Македонија
(Видео) Арсовски: СДСМ нуди стари и истрошени кадри, ниту еден човек со кредибилитет не им се нафаќа
СДСМ нуди стари и истрошени кадри, ниту еден човек со кредибилитет не им се нафаќа да биде жртвено јагне во пресрет на очигледниот пораз, истакна денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, како реакција на 17-те кандидати за градоначалници кој попладнево ги соопшти генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.
„Кандидатите на СДСМ за градоначалници се лица кои смениле и по неколку функции до сега, воопшто не се нови како што велат, многу се подмитливи и тоа се виде по неколку афери кои излегоа за нив и се луѓе со сомнително бизнис-минато.
Според наши информации, кандидатот на СДСМ за Битола, Христо Кондоски, е лице со криминално минато, кој во 2009 година е осуден на условна казна затвор за тешка телесна повреда, а и пред тоа против него се водени неколку постапки пред органите на прогонот. Дали ова е така, нека одговорат од СДСМ. Очигледно таму имаме за кандидат насилник во најава“, посочи Арсовски,
Потоа тој се осврна на кандидатите на СДСМ за градоначалници во Центар, Куманово и Струмица.
„СДСМ велеа дека нивните градоначалници во овие општини се едни од најуспешните, за сега со смената да признаат дека ништо не сработиле нивните досегашни градоначалници.
Горан Герасимовски, кој Љупчо Николовски го промовираше како нов човек за Центар, е всушност стар кадар, тој е актуелен директор на Државниот завод за индустриска сопственост. Тоа е принципот на СДСМ и начинот на кој го сфаќаат поимот нов кадар – лица кои смениле и по неколку функции во државата.
Најнов кадар според нивниот принцип мораме да се согласиме им е Костадин Костадинов, миленикот на Заеви, кој ќе остане запаметен по низата скандали, како дружбите со осудените во Рекет, но и тоа како од позиција на власт си ја вработи половина фамилија во државните институции.
Од новите кадри на Заев го гледаме и Оливер Илиевски, кој е актуелен директор на ЈП Водостопанство ‘Кумановско – Липковско Поле’ и послушник на партиската централа во градот. Илиевски нема ниту еден проект зад себе како директор, иако неколку години го води ова јавно претпријатие, а пола Куманово зборува дека е со сомнително минато и вклучително таква најава има доколку би станал градоначалник“, посочи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека време е граѓаните да стават крај на ваквите решенија и политики и да изберат чесни и професионални кадри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на министерот Муцунски и министрите од Балканската платформа за мир со претседателот на Турција, Ердоган
Во рамки на Вториот состанок на Балканската платформа за мир, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министрите за надворешни работи на земјите учеснички, денеска во Истанбул оствари средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.
На средбата беа разменети мислења за билатералните односи на Република Турција со земјите од регионот, како и за пошироките регионални прашања од заемен интерес.
Во време кога светот и регионот се соочуваат со сериозни предизвици, соговорниците ја истакнаа важноста од зајакнување на солидарноста и меѓусебното разбирање меѓу членките на Балканската платформа за мир.
Заеднички беше оценето дека Балканот треба да продолжи напред со пристап кој ги зема предвид поуките од минатото, но е јасно насочен кон стабилност, соработка и заедничка иднина.
Македонија
„Усвоен Закон без контрола на снимањето – игра на ДУИ и ВМРО за избори“, велат од СДСМ
„Покрај сите контролни механизми за притисок врз медиумите, покрај тоа што не беа усвоени закони усогласени со ЕУ, како законот за правосудство, КЗК и други, покрај поставувањето свои судии и обвинители, тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ го усвои и законот за „Safe City“ без каква било контрола на снимањето и следењето со 65.000 камери“, велат од СДСМ.
„Одбија да прифатат строги и јасни правила за системот и во измените на Кривичниот законик. Проектот „Safe City“ е започнат во време на владата на СДСМ и од аспект на безбедноста во сообраќајот е значаен, но вака донесен Законот за прекршоци значи отворена врата за злоупотреби. МВР да делува како партиски инструмент за следење, притисок и уцена на граѓаните без било какви заштитни механизми.
Ова е игра на ДУИ и ВМРО, кои беа заедно на лидерска средба и цело време заедно се договараат.
Останува уште да ја укинат техничката влада и подготвени се за избори.
Давос покажа дека анти-ЕУ кампањата дала резултати. Мицкоски се јавува од Давос како патувачки репортер кој самиот се снима, имитирајќи го Вучиќ, кој исто така, како да е вработен во туристичка агенција, ги покажува хотелските соби и храната по рестораните.
Времето на Груевски се враќа на голема врата. Видовме како беше пред 10 години, во 2016 година. Ситуацијата и денеска е иста. Сè е земено од канџите на ВМРО.
Преку контролирани медиуми водат постојана црна кампања, хајка и линч.
Се обидуваат единствената опозициска партија да ја разединуваат одвнатре. Целта е контролирана опозиција.
Теренот е речиси подготвен за недемократски избори кои ќе им дадат уште четири години да ги држат граѓаните како заложници и да продолжат со криминалот и корупцијата. Ќе ја опустошат Македонија.
Планот е изолација, избори, па мигранти за пари.
СДСМ е единствена вистинска опозициска партија, има нова сила и продолжува со борбата. Не сме сами, со нас се граѓаните. Ние нема да се продадеме, ниту за тендери ниту за ништо. Нема да биде контролирана опозиција! Ние сме тука за да ја вратиме власта во рацете на граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Викендов променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег
Времето утре ќе биде променливо облачно, претпладне со појава на магла по одделни котлини. Во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Ќе дува слаб, а вдолж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со појава на магла, попладне со сончеви периоди. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Во недела времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во понеделник, кога и на некои од повисоките места ќе преминуваат во снег. Преодно стабилизирање на времето се очекува во вторник, а од среда повторно ќе има нови врнежи од дожд, а на планините од снег.

