Македонија
(Видео) Џелал Хоџиќ нов претседател на СДА: На локалните избори ќе коалицираме со СДСМ
Партијата Странка на демократска акција на Македонија (СДА) на 29 јули одржа конгрес и избра ново раководство на партијата, а Џелал Хоџиќ е нејзиниот нов претседател.
„Како ново раководство, чувствуваме голема одговорност да ја поведеме СДА, како најважна политичка партија на Бошњаците во Република Северна Македонија, низ политичките процеси, во нови политички битки и нови политички победи“, нагаси Хоџиќ.
Како што рече тој, новото раководство, преку СДА, има за цел да донесе нов квалитет и свежина на политичката сцена во нашата држава.
„Ќе го подигнеме нивото на комуникација со јавноста, со политичките партнери, но и со политичките противници. Членството во НАТО на Република Северна Македонија, остварено преку Договорот од Преспа ќе го вреднуваме како стратешки интерес на државата, а патот кон ЕУ како голема обврска кон сегашните и идните генерации. Сметаме дека процесите на демократизација во нашето општество создаваат можност за фер политички натпревар во идеите за развој на државата и подобар живот на сите граѓани, без разлика на етничката и верската припадност.
Како најголема и историски најзначајна партија на Бошњаците, СДА и понатаму ќе се залага за реализација на правата на нашата заедница. Сакаме јавно да испратиме порака дека сме задоволни од рамката на Уставот и законите во државата, но нашето делување ќе биде насочено кон подобрување на реализација на нашите права во пракса. Наша појдовна точка е: Република Северна Македонија е држава на сите нејзини граѓани“, нагласуваат од новото раководство на партијата.
Од таму посочуваат дека политички партнерства ќе градат со прогресивните политички сили, а како политички опоненти ги посочуваат популистите и оние кои земаат примери од, како што велат, авторитарните режими.
„Пред нас се локалните избори, а СДА како автентична бошњачка партија ќе ја подржи најдобрата понуда за сите граѓани. Посебно ќе се вклучиме со поддршка во оние места каде што живеат Бошњаците.
Врз основа на сработеното во изминатите четири години за бошњачката заедница, новото раководство на СДА нема дилема дека треба да коалицира со СДСМ и политиката на премиерот Зоран Заев.
Новата коалиција помеѓу СДА и СДСМ претставува позитивен пресврт, кој ќе донесе добро за Бошњаците, но и за сите граѓани на Република Северна Македонија. Убедени сме дека ова е чекор напред за бошњачката заедница, но и голем чекор напред и за СДА и за СДСМ. Новото политичко партнерство претставува и зголемување на коалицијата која носи прогресивни политики, што секако е добро за сите граѓани“, сметаат од СДА.
Новиот претседател Хоџиќ наброја и аргументи за ваквата одлука на неговата партија:
– Воведена е редовна настава на босански јазик во образовниот процес.
– Исправени се сите грешки низ институциите каде нашиот босански јазик беше погрешно именуван како ‘бошњачки’.
– Никогаш во минатото еден премиер немал толку посети на БиХ и Сараево во својот мандат, како што тоа го имаше премиерот Заев во изминатите четири години.
– Скопје и Сараево денес се збратимени градови.
– Овозможено е да патуваме во БиХ само со лични карти, а исто граѓани на БиХ патуваат кај нас само со лични карти.
– Заемно се признати возачките дозволи помеѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина.
– Потпишан е договор со кој наши студенти кои ќе студираат во БиХ ќе бидат третирани како домашни, како и обратно.
– Секоја година одбележувањето и сеќавањето на жртвите од геноцидот во Сребреница, од страна на државните, но и од локалните институции, е на се повисоко ниво, како цивилизациска обврска на нашето општество.
– Изградено е ново основно училиште во општина Студеничани, за учениците од бошњачката заедница, посочи претседателот на СДА.
Тој нагалси дека по локалните избори со премиерот Заев ќе разговараат за учество и во коалицијата и на државно ниво, со цел да продолжи, како што кажа, позитивниот тренд за бошњачката заедница во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Лицата со попреченост ќе може да користат бесплатен превоз до болница, издвоивме 500.000 денари за оваа намена
Градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски ги повикува граѓаните со попреченост да ја користат услугата за бесплатен транспорт до здравствените установи за што општината има потпишано Меморандум за соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија.
Станува збор за бесплатен превоз до здравствените установи со наменски возила на Црвениот Крст за корисници над 18 години, кои користат ортопедско помагало (инвалидски колички, дубаци или одалки), а живеат на територија на Општина Центар, како и лица над 18 години кои не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка состојба (неподвижни). За оваа услуга општината издвои 500.000 денари од сопствениот буџет со цел да им го олесни пристапот до болниците и лекарите на граѓаните кои имаат најголема потреба за тоа. Оваа услуга само за еден месец ја искористиле 42 граѓани. Градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски упатува апел до граѓаните кои ги исполнуваат условите да го закажат својот бесплатен превоз до потребната болница.
„Бесплатниот превоз до болниците верувам дека е големо олеснување за семејствата и корисниците кои не се во можност често да ги користат здравствените услуги. Ова е исклучително важна мерка особено за лицата кои немаат помагала или не се во состојба да се движат. Затоа доколку корисникот е подвижен превозот ќе биде реализиран со мало наменско возило на Црвениот крст, а доколку тој е неподвижен превозот ќе се спроведе со специјално наменско возило. Граѓаните кои имаат потреба ги повикувам да ја користат оваа услуга. Бесплатниот транспорт граѓаните мора да го закажат минимум 24 часа однапред јавувајќи се на телефонскиот број 02/15330, во контакт центарот на ЦКРСМ или секој работен ден од 6:00 до 0:00 часот. Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација од 8:00 до 16:00 часот. И еден корисник бесплатниот превоз во еден правец може да го користи максимум 10 пати во текот на 1 година, но доколку имаат потреба од повеќе истиот може да го платат согласно ценовникот на Црвен крст“, потсетува градоначалникот Герасимовски.
Герасимовски исто така потсетува и на другите проекти кои се реализираат во општината како едукативните работилници и обуки за давање прва помош со кои воспитувачите, негувателите, наставниците, осмооделенците и другиот стручен кадар во детските градинки и училиштата се здобија со знаења и вештини за соодветно и навремено постапување во ургентни ситуации, односно давање на прва помош, пред се, на децата. Како и едукативните работилници преку кои децата од возрасните групи од сите градинки и клонови се здобиваат со знаења во врска со здравите навики и одржувањето на личната хигиена како и многуте реализирани крводарителски акции за обезбедување крвни компоненти за потребите на здравствениот систем.
Општина Центар ќе продолжи да ги негува проектите со Црвениот Крст кои имаат за цел да им помогнат на граѓаните и го олеснат нивното секојдневие.
Македонија
Макрон упати честитка до Силјановска-Давкова: Се отвора нова страница кај нашите македонски пријатели
Честитки на македонски јазик за победата на Гордана Силјановска-Давкова, вчера, 9 мај 2024 година на социјалната мрежа фејсбук, упати претседателот на Република Франција, Емануел Макрон.
Во честитка се потенцира француската поддршка за Македонија кон целосна евроинтеграција при што е наведено следново:
„Се отвора нова страница кај нашите македонски пријатели. Ја поздравувам храбрата посветеност на Стево Пендаровски, а на Гордана Сиљановска-Давкова ѝ ги упатувам моите срдечни честитки за изборот за Претседател. Франција остнува на страната на Македонија за да ја придружува во реформите и нејзината европска иднина.“
Професорката Гордана Силјановска-Давкова упати благодарност за честитиката на македонски и на француски јазик, истакнувајќи ја улогата на Франција како една од основачите на ЕУ и потенцирајќи дека како претседателка ќе се залага за градење на консензус кој ќе овозможи македонските граѓани да живеат европски. А исто така, ја потенцира и билатералната соработка за зајакнување македонско-француските односи.
Во одговорот на професорката Гордана Сиљановска-Давкова стои:
„Претседателе Макрон, Ви благодарам за честитките! Франција, како една од земјите основачи на ЕУ има најважна улога и одговорност за успех на европскиот проект. Вашата поддршка се надевам ќе го отвори патот на Македонија кон Европа, а она што можам да се заложам е дека ќе градам консензус за реформи кои ќе им овозможат на македонските граѓани да живеат европски. Воедно, како две пријателски земји во мојот мандат ќе работам на зајакнување на билатералните односи, особено економската, културната и научната размена.“
Скопје
Скопје да се врати на скопјани, а Данела Арсовска да поднесе оставка, вели Стефковски
Во објава на својата официјална страница на „Фејсбук“, градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, се осврна на изборните резултати и побара оставка од градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, бидејќи, како што вели Стефковски, тоа е волјата на скопјани.
„Време е Скопје да се врати на скопјани, а Данела Арсовска да поднесе оставка! Кредибилитетот и легитимитетот на секој вршител на јавна функција, која се избира на непосредни избори, извира и им припаѓа директно на граѓаните, без разлика дали се работи за претседател на држава, пратеник, градоначалник или советник.
Бројките велат дека во 2021 година Данела Арсовска е избрана за градоначалник на град Скопје со гласовите на 118.545 скопјани, а на вчерашните избори Данела Арсовска преку својата партија во општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел, Чаир, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Сарај и Шуто Оризари освои вкупно 2.584 гласа.
По ваквиот резултат, јасно е дека Данела Арсовска го загуби кредибилитетот да продолжи да го води градот Скопје. Скопје му припаѓа на скопјани, а не на Данела Арсовска.
Скопјани вчера ѝ порачаа на Арсовска дека е време да си замине! Затоа ја повикувам Данела Арсовска да поднесе оставка од функцијата градоначалник на град Скопје бидејќи тоа е волјата на скопјани. Време е Скопје да се врати на скопјани!“, пишува Стефковски.