Македонија
(Видео) Арсовски: Сериозни сведоштва дека Заев корумпирал активисти од шарената револуција со црни пари од партијата
Зоран Заев стана синоним за лаги, злоупотреби и криминал. Неколку дена откако јавноста слушна разговори од Зоран Заев, сè повеќе од неговите поранешни блиски луѓе и соработници се охрабрија да говорат за Зоран Заев и практично да го потврдат сè она што граѓаните го слушнаа во јавноста од страна на медиумите, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Вчерашното сведоштво на поранешната блиска соработничка на Заев и шарена револуционерка, односно активиска, Мери Николова-Буџаку, која беше дел од шарената револуција, даде јасна слика за тоа како дејствувал Зоран Заев изминативе години манипулирајќи ја целата јавност.
Таа потврди Зоран Заев пред доаѓањето на власт го заробил целиот невладин сектор во Република Македонија баш онака како што тоа го призна и Зоран Заев во аудиобомбите, кои ги слушна целата јавност. Тој поткупувал и корумпирал лица и невладини организации, кои потоа имале задача да оцрнуваат лица и слепо да им служат на неговите штетни политики што ги промовира во јавноста. Најскандалозно е признанието на поранешната соработничка на Заев, Николова-Буџаку, дека Зоран Заев ги упатувал ваквите субјекти парите да ги подигаат од самата партија СДСМ, без какво било покритие. Тоа покажува дека Зоран Заев и СДСМ имаат сериозен сомнеж дека користат црни пари со кои финансираат политички отстрел на неистомислениците. Можете да замислите од каде доаѓаат тие црни пари.
Николова-Буџаку тврди дека ѝ биле нудени пари директно од Зоран Заев за да ја поткупи нејзината наклонетост. Ова е добар сегмент каде што јавноста може да види што всушност и како корумпирал Зоран Заев во невладиниот сектор.
Затоа, бараме институциите да ги проверат овие наводи бидејќи тоа отвора сомнеж како се финансирал СДСМ и како ги троши парите без покритие. Очигледно дека овие трансакции не се евидентирани во извештаите на СДСМ. Дали Зоран Заев ваквите црни и тајни фондови ги полнел со парите од „Рекет“, со торбите „луј витон“ и потоа ги користел за корумпирање на невладиниот сектор, медиумите и правосудните органи, со цел да купи своја заштита и елиминирање на своите политички неистомисленици?
Поранешната сопартијка на Заев призна дека тој самиот, освен што потплатувал и дрско манипулирал со јавноста, граѓаните и со активистите во време на шарената револуција пуштајќи едитирани материјали, со што ги злоупотребувал чувствата на граѓаните, сè со цел да добие лични и партиски ситни поени.
Зоран Заев е давеник фатен за сламка. Зоран Заев е политички губитник. Тоа им е јасно на сите. Вистината веќе излегува на виделина, а набргу тој и кликата околу него ќе бидат казнети од граѓаните, а во една транспарентна постапка сето тоа ќе биде истражено и санкционирано соодветно и од институциите што ќе бидат ослободени од неговите канџи и неговите црни пари.
Времето на ваквите политики што Зоран Заев што ги водеше заврши“, рече Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.

