Македонија
(Видео) Бегството на Блерим Рамадани е организирано од структури на МВР и вработени во институциите, велат од СДСМ
Време е јавноста конечно да ја дознае вистината за скандалот поврзан со бегството на Блерим Рамадани, вистина која се крие од страна на МВР по секоја цена. Вистина која ја разоткрива целосната шема за тоа кој го организирал и овозможил бегството на Рамадани. И како всушност е партизирана и узурпирана државната граница со Косово од страна на структури од власта, истакна Митко Трајчулески, пратеник на СДСМ.
„Денес ќе поставиме прашања, и доколку Владата и МВР не се одважат да излезат и јавно да ја соопштат вистината за целата организација на бегството на Рамадани,, СДСМ ќе го објави целиот скандал. По сите информации кои ги имаме јасно е дека Владата и МВР точно знаат што се случило и молчат.
Денеска го прашуваме Тошковски, ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, и им даваме можност сами да излезат во јавноста со фактите, а потоа да започне процес на истрага и оставки од сите вклучени во скандалот со бегството на Блерим Рамадани.
Прво, дали е точно, дека на 10.8., кога Рамадани бил во куќен притвор, тој всушност си бил на Косово? Дали е точно дека на тој ден околу 18 часот и 40 минути, Рамадани со возило, без да биде застанато на границата, бил однесен на Косово и доцна вечерта вратен во куќниот притвор во Македонија? Потсетуваме дека ги имаме деталите и секоја лага на Владата и институциите во однос на ова е кривично дело.
Понатаму, прашуваме, дали е точно дека на 14.8 односно дента кога е избеган Рамадани, тој ја напуштил државата на ист начин со службено возило на државна институција, управувано од човек вработен во институциите, а повторно пропуштен на граничниот премин без никаква контрола?
Дали ова не значи дека не станува збор за бегствто, туку организирано пуштање на затвореникот во Косово во кое учествувале македонските институции? Дали ова не е всушност партиско полициска организирана шема?
Го прашуваме Тошковски, дали е можно човек баран со меѓународна потерница буквално да се шетал преку границата два пати додека де факто е во притвор кој треба да го обезбедува МВР?“, вели пратеникот.
Дополнително праша и која е улогата на МВР во овозможување на прошетките на Рамадани и негово конечно напуштање непречено на државата.
Очекуваат како што додаде, одговори во следните 24 часа, а доколку не ги добијат, ќе ги објават сите информации од свиркачите кои ги имаат добиено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

