Македонија
(Видео) Во Прилеп за првпат одбележан празникот Василица – беа поделени бурек и чаша варено вино
Денес на платото кај градскиот саат со почеток во 11:00 чaсот за првпат се одржа настанот „На Василица во Прилеп“. Со парче бурек и чаша варено вино и чај коишто беа поделени на сите присутни гости, денес ден пред празникот Св. Василиј Велики или народски кажано Василица, а воедно и доаѓањето на Новата година според јулијанскиот календар се одбележа настанот што предизвика голем интерес кај прилепчани.
Како што кажа градоначалникот Борче Јовчески, целта на настанот е да се испочитува вековната традицијата за празникот Василица, којашто според обичаите во Прилеп се празнува во кругот на семејството со ставање паричка во пита или лепче, а денес овој голем празник беше изнесен за сите граѓани во центарот на градот каде што заедно во согласност со здравствените протоколи беа поделени 400 парчиња бурек, околу 100 литри варено вино и 300 чаши чај, во една пријатна атмосфера каде што имаше присуство на голем број граѓани, претставници од локалната самоуправа, јавните претпријатија, советот на Општина Прилеп и други компании.
„ Денеска тука, од центарот на Прилеп, со еден ваков настан којшто го крстивме ‘На Василица во Прилеп’ сакаме да го одбележиме празникот и да воспоставиме една традиција што ќе ја поддржуваме и надоградуваме во текот на наредните години со цел да прерасне во еден поголем настан единствен од ваков тип во Македонија, со поголема масовност и организација, којшто ќе претставува уште еден препознатлив знак на градот Прилеп, со надеж дека веќе од наредната година ќе го прославиме без рестриктивни мерки кои во овој момент не ограничуваат но морам да напоменам дека денес истите се комплетно запазени во однос на заштита на граѓаните.
Сакам да им се заблагодарам на општествено одговорните компании од нашиот град: пекарници, винарници и ресторани коишто дадоа свој придонес за реализација на овој настан. Имаме повеќе од 400 парчина бурек и 100 литри греано вино со коишто се почестени сите граѓани и гости коишто во овој период го посетуваат овај штанд, а за најсреќниот граѓанин што ја најде паричката(или ќе ја најде паричката – доколку уште не е пронајдена), имаме еден скромен и симболичен подарок златен крст, којшто јас како градоначалник во името на локалната самоуправа на Општина Прилеп сакам да му го подариме и да посакаме здравје, среќа, бериќет за него и за неговото семејство.
И на сите наши сограѓани да им посакам најпрвин многу здравје, среќа и успех во оваа нова година и со една порака од денешниов настан, да бидиме горди преносители на нашата македонска традиција, на нашите православни празници и да се трудиме да ги продолжуваме и негуваме нашите обичаи коишто претставуваат корени на нашето постоење и со коишто и тоа како се истакнуваме и ја промовираме нашата култура не само тука, на Балканот, туку и во Европа и светот.
Ви благодарам на вашето присуство и нека е за многу години да сме здрави и живи“, рече градоначалникот Јовчески.
Поради тоа што „златната паричка“ не беше најдена во текот на настанот, имајќи предвид дека дел од присутните си ги однеле дома спакуваните бурекчиња, Јовчески апелираше среќниот пронаоѓач да дојде во просториите на Општина Прилеп со цел да си го подигне подарокот, златен крст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

