Македонија
(Видео) Георгиевска: Собранието треба да носи ефикасни решенија за граѓаните, а не да биде алатка за уцени
Најавата за нови блокади на Христијан Мицкоски е најнеодговорниот чин во време на најголема економска и енергетска криза после Втората светска војна, рече на денешната прес-конференција Марија Георгиевска, пратеничка на СДСМ.
Таа нагласи дека Собранието треба да носи брзи и ефикасни решенија за граѓаните и заштита на нивниот стандард, а не да биде алатка за уцени и за деструкција.
„Ваковото деструктивно однесување на штета на граѓаните не е нешто ново од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски.
Две години од страна на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата се блокирани 70-тина закони кои се во интерес на граѓаните и носат придобивки.
Како што знае и целата јавност речиси една година е блокиран Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта кој обезбедува повисоки плати за сите наставници.
За да го спречат овој закон, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на седница на матичната комисија се закануваа и со физичко насилство.
Речиси нема сектор каде ВМРО-ДПМНЕ со опозицијата не блокира законски решенија, на штета на државата и граѓаните“, посочи Георгиевска.
Претставничката на СДСМ нагласи дека пратениците се народни избраници и треба да работат за граѓаните кои им ја дале довербата, од кои земаат плата, а не, како што кажа, да исполнуваат нарачки на претседател на партија.
„СДСМ има план како да се спротивстави на овие блокади. СДСМ е на страната на граѓаните и уцени не прифаќаме. Како пратеничка група, заедно со коалициските партнери, ќе ги искористиме сите уставни и деловнички механизми за да ги надминеме блокадите на опозицијата и да обезбедиме функционално Собрание“, посочи Георгиевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минимална плата од 450 евра во првите 100 дена од новата влада, побараа синдикалците
Синдикалците бараат минимална плата во износ од најмалку 450 евра, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз.
Тие порачаа дека после 8 мај, кој и да дојде во владата, треба да ги исполни нивните барања во првите 100 дена.
„Бараме најниската плата да биде иста како таа во регионот односно минимум 450 евра. Исто така, бараме враќање на загубеното право во 2009 година, додаток за храна и превоз“, рекоа од Синдикатот на работниците.
Оттаму порачаа дека бараат достоинствени плати за да не мора, како што рекоа, својата егзистенција да ја бараат во Хрватска, Црна Гора или други земји.
Синдикатите побараа и ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година, право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа, намалување на полното работно време на 35-часовна работна недела и укинување на 72-часовната работна недела на стратешките проекти.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на денешниот протест порача дека работниците даваат црвен картон на Врховниот судот за неговата одлука да им биде одземен Работничкиот дом, појаснувајќи дека со тоа се направени обиди за притисок врз синдикатите.
Македонија
Мојсоска: На бугарофилите им кажавме дека местото не им е тука
На митингот во Охрид се обрати и Јована Мојсоска, носител на листа на ИЕ 5 која истакна дека влезот на двајцата пратеници во Собранието покажал како треба да се води вистинска левичарска опција, за разлика од т.н. социјалдемократи кои изминатиот мандат ги распродале сите АСНОМ-ски идеали.
,,Мене ми е малце дегутантно кога слушам дека некој ќе го праќал ДУИ во опозиција. Тие имаа можност да ги пратат ДУИ во опозиција тука во советите, но сите бевме сведоци како се продаваше Мауцер и како локалниот шериф Нефи Усеини гради дивоградби, а градоначалникот молчи. Дури и ја сруши плочата на АСНОМ за која градоначалникот, исто, мудро молчи. Со Левица на власт ќе ја срушиме дивоградбата на Нефи и ќе ја вратиме плочата на АСНОМ”, истакна Мојсоска.
Мојсоска истакна и тоа дека Левица како единствена работничка партија е противтежа на анационалната олигархија која беше креирана во 90 – тите.
,,Нашата борба во Собранието е единствената причина зошто денес немаме Бугари во устав. Да не беше Левица, ние ќе гледавме фашистички клубови во секој град во државата. Ние ниту сме во спрега со моќниците кои се поврзани со секоја власт, ниту сме уценети и затоа нашите политички непријатели знаат дека со нас не се преговара за непринципиелни работи“, истакна Мојсоска.
Додека ја обвинуваат Левица дека е во коалиција со СДС и ДУИ, само против Талат Џафери Левица има поднесено девет тужби кои, како што истакна Мојсоска, се чуваат во фиока.
,,Само ќе спомнам против кои звучни имиња Левица поднела кривична пријава: Шкодране Дардишта, Бенито Јошевски, Артан Груби, Сали Мурати, Оливер Спасовски, Беким Максути и многу други. И Левица ќе биде факторот против бугаризацијата на Уставот додека одродените социјал-демократи ќе завршат на буништето на историјата”, рече Мојсоска.
,,Иако имаше обид од страна на бугарски структури да го воскреснат неофашизмот кај нас со отворање на клубови со фашистички наративи, ние не паднавме во духот. Напротив кога ги отвораа клубовите ,Ванчо Михајлов’ и ,Цар Борис’ се собравме и на бугарофилите им кажавме дека местото не им е тука. Особено, не по диктат на буржоазијата која купува национален идентитет и историја за ситни пари кои носат крупни гревови. Секогаш сме биле на вистинската страна, секогаш со нашето присуство, каде и да се појавиме, часовите им се избројани”, рече Горан Велевски, кандидат за пратеник во ИЕ5.
Македонија
Демократски сојуз: Народот не може да создаде толку колку што власта може да украде
Демократскиот сојуз на сите работници им го честита Меѓународниот Ден на правата, 1-ви Мај.
„Во услови на влошена економско-социјална положба на работниците, единствен гарант се само силни синдикати.
Независни цврсти, добро организирани и меѓусебно координирани синдикати можат да ги штитат и унапредуваат правата на работниците. Слабо платените работници и други работоспособни граѓани ја напуштаат Македонија. Ваквата состојба е резултат на вкупните лоши политики и негрижата на власта и работодавците кон тие што работат и создаваат нови вредности“, велат од Демократскиот сојуз.
Како што велат, Демократскиот сојуз е прва партија која во Македонскиот парламент предложи минимална плата, како што предлагаат и дефинирање на минимална пензија.
„Повеќе од јасно е дека е неопходен системски пристап и вреднување на трудот на секој вработен, но без реформи и борба против високата корупција состојбите нема да се променат. Народот не може да создаде толку колку што власта може да украде“, велат оттаму.
Демократскиот сојуз ги повикува синдикатите, на претстојните избори да се вклучат во промените.