Македонија
(Видео) Градилиште зад Универзалната проголта дел од улицата 9 Мај, инспекцијата третпат направи увид
Дел од улицата 9 Мај зад Универзалната сала во Скопје се одрони и пропадна во градилиште за нова зграда. Градежната инспекција од Општина Центар, вчера, откога се одронил дел од улицата, третпат направила увид на градилиштето.
„Градежен инспектор изврши увид вчера и повторно му наложи на инвеститорот да ја обезбеди јамата“, велат до Општина Центар за „Макфакс“.
И во претходните два увида инспекторите констатирале дека јамата е необезбедена. На првиот увид, заедно со општинскиот градежен инспектор и полицијата, излезе и градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, и го затворија градилиштето токму поради необезбедената градежна јама.
„Инспекцијата утврди дека инвеститорот постапувал спротивно од издаденото одобрение за градење и ја искинал жолтата лента со која утринава градежен инспектор на Општина Центар му го затворил градилиштето. Мора да сфатиме дека во оваа држава постојат закони и тие важат за сите“, изјави градоначалникот Герасимовски по увидот.
Градилиштето ,и по увидот со градоначалникот, само кусо време остана затворено оти при повторен увид инспекцијата утврди дека инвеститорот сам ја тргнал заштитната лента и продолжил да гради.
По вториот извршен увид, градежен инспектор на инвеститорот „Бинјапи инженеринг“ му одреди рок да го врати градилиштето во првобитната состојба и да продолжи да гради во согласност со издадената техничка документација. Вчера, при третиот увид, само констатирале дека инвеститорот повторно не ги почитува издадените решенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)

