Македонија
(Видео) Груевски, Канческа и Ставрески дел од осомничените во „Скопје 2014“ со Тодоровиќ за набавка на 10 споменици
Експремиерот Никола Груевски, ексминистерката Елизабета Канческа-Милевска и ексминистерот за финансии Зоран Ставревски се дел од осомничените во предметот „Скопје 2014“ заедно со поранешните градоначалници на Центар, Владимир Тодоровиќ, и Виолета Аларова. Вкупно 15 лица се под истрага за набавка на десетте споменици, дел од проектот за кој се води постапката.
„По опсежно проверена постапка со кодно име ‘Феникс’, до судија за претходна постапка поднесени се барања за претреси, одземање имот поради идна конфискација, замрзнување банкарски сметки, барање за притвор. Се спроведува постапка против 15 лица, каде што, освен македонски државјани, има и државјани од Италија, поради сомневање дека сториле кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари“, посочи обвинителот Љубомир Лапе.
Меѓу спомениците за кои се води постапката се „Воинот на коњ“ на плоштадот Македонија, лавовите, „Даме Груев“, „Гоце Делчев“, „Никола Карев“, „Цар Самуил“, „Првото заседание на АСНОМ“ – изработени од исто правно лице во Италија.
„Од втората половина на 2007 година, првоосомничениот (Никола Груевски), искористувајќи ја службената положба како претседател на владата, како и тогашниот советник и градоначалник на општина Центар, се приврзале за добивање значајна корист. Осомничените почнале со реализација на проектот ‘Скопје 2014’ за кој не постои програма, документ од надлежен орган. Иако станувало збор за значајни за државата, иницијативите се поднесувале пред Советот на Општина Центар, па се почнувале постапки за меморијални споменици за кое единствено надлежно е Собранието. Осомничените потпишувале незаконски владини одлуки и трансферирале средства во Општина Центар. Осомничените си обезбедиле финансиски средства, вкупен износ од 57 милиони евра“, рече обвинителот Лапе.
Наместо Собранието, кое ја имало надлежноста, одлучувал Советот на Општина Центар. За Лапе, ова е заобиколување на парламентарната контрола.
„На тој начин осомничените го нарушиле начелото за поделба на власта, а од стручната јавност и граѓаните го прикриле вистинскиот износ, кој е платен“, посочи обвинителот.
За градоначалниците Тодоровиќ и Аларова, посочи дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
„Петто- и шестоосомничените како градоначалници на Центар, четвртоосомничениот како претседател на Советот на Центар, при вршењето јавни набавки направиле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето. Тие спровеле незаконски јавни набавки. При изборот прифатиле понуди со нереални цени.. Италијанскиот државјанин потпишувал договори иако немале дејност леење и изработка на мебел. Со поддоговори тој лажно прикажувал дека ги изработувал, а работите ги префрлал на други правни лица“, додаде Лапе.
Парите од Италија исплаќани од Македонија биле враќани, тврди обвинителот.
„Лица од Италија, преку правните лица, преку банкарски средства со фиктивни фактури пренеле пари од Италија во Македонија. Од овие средства од правното лице во Македонија и предадени на еден од осомничените дел е префрлен на други правни лица, каде што повторно биле подигнати во готовина.
За четвртоосомничниот Владимир Здравев, постои сомневање дека создал група за перење пари. Членови биле други осомничени, меѓу кои, Италијанци.
Според Лапе, тендерски се плаќани двојно наспроти набавната вредност во Италија. Истрагата е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Продлабочување на стратешкото партнерство со САД во фокусот на средбите на Гаши во Вашингтон
За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
„На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји, изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и стабилност. Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан“, соопштија од Собранието.
Гаши информирал за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската унија и изразил благодарност за континуираната поддршка на САД во процесот на реформите.

Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, Гаши се сретна и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и докажан пријател на земјата, со кого разговарале за неодамнешните политички настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
На средбите биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.

