Македонија
(Видео) Давитковски: Странците нè надгласуваа за усвојување на бизнис-планот на „Телеком“ и за ангажирање на консултантските услуги
Универзитетскиот професор и поранешен претседател на бордот на директори на „Македонски телеком“ од 2002 до 2004 година, Борче Давитковски, денеска сведочеше на судското рочиште за случајот „Маѓар телеком“. Давитковски изјави дека секојпат претставниците на Владата биле надгласувани во бордот на директори од страна на странските членови кога се усвојувал бизнис-планот во кој биле предвидувани и консултантските услуги за кои компанијата издвојувала од 5 до 7 милиони евра годишно.
„Гласањето на бордот беше 6 наспроти 4 во полза на странскиот партнер, особено кога се усвојуваше бизнис-планот, каде што беа предвидени и овие консултантски услуги, како и кога се носеа одлуки за зголемување на цената на услугите како на фиксната така и на мобилната телефонија“, рече Давитковски.
Универзитетскиот професор истакна дека тој како претседател на бордот на директори настојувал за консултантските услуги да бидат ангажирани домашни фирми.
„Што се однесува до консултантските услуги, ние како македонски претставници секојпат реагиравме дека износот е преголем и јас инсистирав да се ангажираат домашни експерти. Се плаќаа експерти од Унгарија иако ‘Телеком’ имаше свои адвокатски друштва“, рече Давитковски.
Тој истакна дека немал никаква можност да ја спречи одлуката за ангажирање фирми и лица за консултантски услуги бидејќи како претседател на бордот имал право само на 2 вета, и тоа во случај на ребрендирање на фирмата и одлука доколку се продаваат повеќе од 20 отсто од компанијата. Давитковски дополни дека бордот имал надлежност само кога компанијата врши набавка вредна повеќе од 1 милион евра, а за помалите набавки надлежен е извршниот директор. Консултантските услуги биле ангажирани во повеќе наврати со сума помала од 1 милион евра.
Поради доминантната застапеност на странските членови во бордот на „Македонски телеком“, голем дел од одлуките ги носеле странските членови наместо владата. Една од тие одлуки е и начинот на отпуштање 1.500 вработени. Како што вели Давитковски, тој заедно со синдикатот на вработените се спогодил за исплата на испратнината за технолошки вишок во висина што била поволна за работниците, но странските членови на бордот се противеле на ова и барале за нив да бидат исплатени само 12 плати иако компанијата заработувала доволно за сумата да биде поголема.
„Од Унгарија требаше да ни кажуваат за начинот на отпуштање. Имаше смешни ситуации. Експертот нè прашуваше за нашиот Закон за работните односи и инсистира дека треба на прогласените за технолошки вишок да им се дадат само 12 плати, без да се води сметка за капацитетот на ‘Телекомот’. Доколку се случеше како што сакаа странците, ќе имаше социјални немири, односно протести, затоа ние инсистиравме да се склучи спогодба во рамките на законот, во која партнери ќе бидат синдикатот и бордот на директори, каде што ќе бидат точно забележани условите и надоместокот“, рече Давитковски.
Унгарецот Атила Сендреи и членовите на тогашниот одбор на директори во „Македонски телеком“, Германецот Ролф Плат и Унгарецот Золтан Кишјакус, се обвинети во случајот „Маѓар телеком“ дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“. На тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ со речиси 4 милиони евра, а буџетот на државата со 2 милиона евра бидејќи владата во тој период поседуваше 47 отсто од акциите во компанијата.
Тројцата ексдиректори на „Маѓар телеком“, Елег Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи, во паралелна постапка што се водеше пред унгарските власти за истиот случај беа обвинети дека во 2005 и 2006 година на македонски функционери им исплатиле мито од приближно 4,8 милиони евра за да ја одложат либерализацијата на телекомуницискиот пазар. Ексдиректорите ги исплаќале парите како консултански и маркетинг-услуги.
Штрауб и Балог во април 2017 година се спогодија со окружниот суд во Њујорк и платија глоби, а пет години им е забрането да вршат дејност во акционерските друштва. Штрауб плати 250 илјади долари, а Балог 150 илјади долари. Третообвинетиот во случајот, Тамаш Морваи, се спогоди и плати глоба од 60 илјади долари за фалсификување на книгите на компанијата поврзани со поткупот.
Аферата доби нова димензија по сведочењето на ексразузнавачот Слободан Богоески пред окружниот суд во Њујорк, кое беше објавено јавно и првпат во јавноста беа посочени конкретни имиња. Богоески во сведочењето тврдеше дека мито од „Маѓар телеком“ зеле поранешниот премиер Владо Бучковски, како и функционерите од ДУИ, Али Ахмети, Муса Џафери и Абдулхалим Касами. Ахмети и Џафери, кои го тужеа Богоески за клевета и навреда, го добија случајот двапати на суд, но Апелациониот суд повторно ја укина пресудата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

