Македонија
(Видео) Двегодишно дете од Скопје во последен момент испратено на операција на коскена срцевина во Турција
Социјалните мрежи викендов се преплавени со честитки и благодарности до докторката Аспазија Софијанова – Цули од Детската клиника и нејзиниот тим оти во петокот со, како што велат, натчовечки напори, во последен момент успеале да испратат двегодишно дете на операција во Турција.
Софијанова за „Макфакс“ објасни дека девојчето со неспецифична ретка болест блиска до леукемија, било пациент на Универзитетската клиника за детски болести од мај годинава. Било сместено на онколошкиот оддел, а последниве денови пред да замине, по влошувањето на состојбата, било симнато на одделот за интензивна нега. Тука му ја следеле состојбата додека траеле преговорите за операција на коскената срцевина. Успеале да најдат соодветен донор на клиника во Турција, а итноста ја забележала Софијанова, која во петокот попладне на дежурство забележала дека се бројат часови до моментот кога ќе стане неопходно детето да биде ставено на апарати оти му се влошувало дишењето.
„Тоа беше моментот кога морав да алармирам дека детето веднаш треба да се пренесе на клиниката во Турција, каде што веќе е договорена операцијата. Ако го ставевме на апарати, тоа дополнително ќе го отежнеше транспортот и можеше да ја комплицира операцијата. Успеавме заедно со тимот за само неколку часа да најдеме авион што функционира како мини интензивна нега, да го организираме превозот од клиниката до аеродромот, а наидовме и на голема соработка од вработените на аеродромот, кои многу помогнаа детето и мајката да ги поминат административните процедури по скратена постапка. Медицинската екипа од Турција го прифати детето, а им го предадовме јас и една дежурна сестра од Детската клиника“, вели докторката Софијанова.

Нагласува дека заедно со Фондот за здравствено осигурување и со Министерството за здравство успеале да се организираат во секунда до дванаесет. Конзилиум со лекарите од онколошкото одделение на Детската клиника имале во четвртокот, на кој ги усогласиле ставовите дека детето треба да отпатува, а во петокот, кога состојбата со дишењето се влошила, доцна вечерта детето било пренесено на клиниката во Турција, каде што веќе е договорена операција на коскена срцевина.
Болеста хистоцитоза, која според Софијанова е уште полоша од леукемијата, на девојчето му била дијагностицирана на Детската клиника, но со помош од Фрајбург, Германија, каде што неколкупати испраќале материјал пред да ја одредат дијагнозата.
Клиниката, пак, во Турција ја избрале поради тоа што таму се пријавиле вкупно 30 компатибилни донори на коскена срцевина. Софијанова е оптимист дека операцијата ќе заврши со посакуваниот резултат. Таа нагласи дека успешна трансплантација на коскена срцевина веќе била направена и кај нас, но на 15-годишно дете.
Транспортот на двегодишното дете со специјален медицински авион од Турција чини 15-20 илјади евра, а операцијата речиси 150 илјади евра, кои ќе ги покрие Фондот за здравствено осигурување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

