Македонија
(Видео) Демонстрантите се жалат на употребата на шок-бомби, МВР вели – полициска процена
Демонстрантите што синоќа протестираа пред Собранието реагираат дека полицијата прекумерно употребила сила врз нив, како и дека без потреба биле растерувани со шок-бомби и солзавец. Учесниците во протестите се жалат дека меѓу нив имало и жени со мали деца, како и повозрасни граѓани, кои биле повредени од шок-бомбите. Меѓу повредените е и актерката Арна Шијак, која завршила во болница со повреди на двете нозе. Во видеопорака објавена на фејсбук-страницата на неформалната организација „Сите за унитарна Македонија“, Шијак обвинува дека полицијата фрлала шок-бомби за да ги уплаши граѓаните да не протестираат повторно.
„Не бев единствена повредена, не добивме никакво предупредување од полицијата дека ќе следува напад или нивна реакција по проценување. Седевме во Паркот на жената борец кога шок-бомба падна пред моите нозе. Полицијата ова го направи намерно за да предизвика повреди и страв кај луѓето“, вели Шијак.
Од МВР велат дека полицијата постапила во согласност со процената на состојбата на терен и ги презела сите мерки и активности за да се спречи понатамошно нарушување на јавниот ред и мир. Толпата, според МВР, била насилна и се обидела да влезе во Собранието кога ја турнала заштитната ограда. Оттаму негираат дека била употребена прекумерна сила.
– Во текот на вчерашниот јавен собир во Скопје пред зградата на Собранието некои од демонстрантите, од кои голем број маскирани, насилно ја турнаа заштитната ограда и почнаа со фрлање камења и пиротехнички средства и други предмети кон зградата на Собранието и полицискиот кордон, воедно обидувајќи се насилно да влезат во Собранието – вели портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
За време на вчерашниот протест биле повредени десет полицајци, а седуммина побарале лекарска помош. Полицијата привела 26 демонстранти, меѓу кои имало и петмина малолетници.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права ги осудија насилствата од страна на демонстрантите врз полицајците, а реагираат и на прекумерна употреба на хемиски средства врз граѓаните што протестираат за што најавуваат и пријава до одделот за вантрешна контрола во МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температура до 20 степени
Утре, сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.
Македонија
Тошковски – Хани: Зајакнување на антикорупциските механизми и унапредување на регионалната соработка
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со директорот на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Алберт Хани, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката во насока на зајакнување на институционалните капацитети за спречување на корупцијата.
Во фокусот на разговорите беа обуките за изработка на Национална проценка на ризик од корупција и антикорупциската проверка на законодавството во областа на внатрешните работи, при што беше истакната активната улога на Македонија како потписничка на Меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба. На средбата беше нагласено дека нашата држава претставува водечки пример и референтна точка за земјите кои сè уште не пристапиле кон овој механизам.
Тошковски ја потенцираше важноста од системски пристап во детектирањето и намалувањето на ризиците од корупција во безбедносниот сектор, како и значењето на регионалната соработка и размената на искуства.
„Борбата против корупцијата е еден од нашите врвни приоритети. Преку зајакнување на интегритетот на институциите, унапредување на законодавната рамка и користење на современи механизми за проценка на ризици, создаваме систем во кој корупцијата станува сè потешка, поскапа и неисплатлива. Поддршката и експертизата на РАИ во овој процес имаат значајна улога, а Министерството за внатрешни работи останува силно посветено на развој на ефикасни и одржливи антикорупциски политики“, истакна Тошковски.
На средбата беа разгледани и конкретни можности за идна соработка преку заеднички активности, обуки и проекти насочени кон јакнење на превентивните и репресивните механизми во справувањето со корупцијата.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.

