Македонија
(Видео) Државата да прогласи мораториум за да се спречат градби како онаа кај „Мајчин дом“, бара архитектката Раѓеновиќ-Јовановиќ
Единствена можност да сопре изградбата на згради како онаа кај „Мајчин дом“ е државата да прогласи мораториум и да се направи ревизија на сите урбанистички планови, смета архитектката Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ. Таа вели дека во овие услови не постои никаква законска можност да сопре изградбата на деветкатницата кај „Мајчин дом“.
„Урбанизмот е направен во ноември 2016 година, усвоен е од Советот на Општината, значи ги поминал сите процедури. Инвеститорот со полно право, врз основа на документ издаден од државата, гради објект за којшто добил дозвола за градење. Единствен начин на којшто може да се спречи лошото урбанистичко планирање сметам дека е начинот на којшто се справува Општина Центар, со мораториуми. Тоа е многу тешка одлука. Многу луѓе говорат и дека не е правно издржана. Од Општина Центар велат дека тоа е политичка одлука. Вакви ситуации имаме насекаде и сметам дека државата е таа којашто мора да застане и да каже стоп, а не градоначалниците тоа да го прават сами“, вели архитектката Раѓеновиќ- Јовановиќ.
За надминување на состојбите таа смета дека е неопходен нов Генерален урбанистички план за Град Скопје, од каде што всушност почна проблемот, да се изработат нови правилници за урбанизам, нов закон за просторно и урбанистичко планирање, да се направи ревизија и евалуација на сите досегашни ДУП-ови и да се направат нови ДУП-ови, но не со истите луѓе што ги правеле досега и не со истите планери и раководители во општините коишто досега ги одобрувале и врз основа на нив давале одобренија за градење.
Раѓеновиќ-Јовановиќ предупредува дека кај деветкатницата не е проблем само уништувањето на зеленилото и сечата на дрвјата, туку и сообраќајниот пристап, посебно откако државата реши на местото на „Мајчин дом“ да се изгради нова градска болница.
И покрај противењето на жителите на Аеродром и петициите против овој објект, на парцелата за деветкатницата се прават подготовки за градење. Градоначалникот Златко Марин, кому борбата против овој објект му беше главен адут во изборната кампања, денес соопшти дека нема можност да ја сопре изградбата, но и покрај тоа не чувствува потреба да поднесе оставка. Од синоќа на социјалните мрежи, жителите на Аеродром сè помасовно бараат оставка од него оти ги изневерил очекувањата, а за попладнево е најавен и протест.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

