Македонија
(Видео) Другарите на Пино: Ангела бараше од него да ѝ помогне да стават некого во багажник
Другарите на убиениот Пино Секондо денеска сведочеа во Кривичниот суд, каде што првообвинет е Фуркан Али, кој е во бегство, а второобвинета е Ангела Ѓорѓиевска.
Мартин Јаневски, кој бил со Пино на неговиот роденден, сведочеше дека Ангела му се јавила на Пино вечерта на роденденот.
„Сакала да се тепа со некои девојчиња и ѝ требала некоја кола за да ја стави таа особа во гепек“, рече Јаневски.
Пино на ова рекол дека нема пари и гориво да оди во Ѓорче бидејќи било доцна навечер, а и не му се влегувало во проблеми, сведочеше Јаневски. Тој веднаш по исчезнувањето на Пино, ѝ пишал на Ангела за да се распраша за случајот, а таа одговорила дека не е информирана и по некое време го блокирала.
„Ми изгледаше чудно што не сакаше да помогне да го најдеме“, рече тој одговарајќи на адвокатско прашање. Јаневски се распрашувал кај луѓето што ја познавале Ангела.
„Едно девојче, кое учело заедно во основно училиште со Ангела, ми рече дека е многу ризично човек да се дружи со Ангела бидејќи е спремна на сè, па и на убиство“, рече Јаневски.
За целото тоа време Јаневски никогаш ја немал видено Ангела лично, но распрашувајќи се за неа, добил впечаток дека таа се дружи со девојки што употребуваат психотропни супстанции.
Друг другар на Пино, Божидар Спасовски, денеска сведочеше дека Ангела првпат ја гледа во живо во судницата.
„Пино еднаш ми ја има покажано Ангела на слика“, рече Спасовски одговарајќи на адвокатско прашање.
„Со Пино Секондо бевме како браќа. Тој секој втор ден знаеше да наврати кај мене. Знаевме да излеземе и на кафе, ама повеќе сме се занимавале со автомобили. Тој беше прекрасен човек и незаменлив другар“, рече Спасовски.
Одговарајќи на адвокатско прашање, рече дека не знае ништо во врска со убиството на Пино.
Судијката Ленка Давитковска следното рочиште го закажа за 17 февруари. Пино Секондо беше убиен на 11 декември 2018 година. Ангела Ѓорѓиевска е обвинета дека во убиството му била соучесник на првообвинетиот Фуркан Али, кој е во бегство, и по него е распишана меѓународна потерница. Остатоците од телото на Секондо беа случајно пронајдени кон крајот на април минатата година.
Искра Манојлоска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.